Затруена политичка клима во Хрватска
8 февруари 2016
Министерот на бранителите Мијо Црноја на функцијата беше само шест дена во новата влада на Томислав Орешковиќ. Во тоа кратко време, медиумите објавија низа непријатни ситуации во кои се најде: од пријава на престој на погрешна адреса, до сомнежи дека ненаменски потрошил кредит кој го добил како бранител. Шефот на ХДЗ и прв потпретседател на владата, Томислав Карамарко, за сѐ ги обвини медиуми кои, вели, извршиле хајка врз министерот.
А потоа се тргна во напад врз медиумите. Новиот министер за култура на ХДЗ, Златко Хасанбеговиќ индиректно најави укинување на кофинансирањето на непрофитните медиуми, кои досега беа критични кон секоја власт. Државата почна нив систематски да ги финансира токму за време на поранешната влада на ХДЗ преку Фондацијата за развој на цивилно општество. Тогашната намера беше зајакнување на критичкиот капацитет на општеството, неопходен на патот кон ЕУ. Иако одредени медиуми од државата годишно добиваат колку и сите непрофитни медиуми заедно, беше создадена слика дека се работи за „опортунисти и агитпроповци“.
Радикализацијата го оживеа ХДЗ
Социологот Драган Багиќ од Филозофскиот факултет во Загреб за ДВ вели дека не се работи за некакво засилување на „идеолошката војна“, туку таа само добила поинаква динамија по доаѓањето на новата власт, која и претходно најавуваше потези во насока на спроведување на порадикален политички поглед на светот.
„По сериозните обвинувања за корупција и поразот во 2011 година, ХДЗ се најде во многу тешка позиција. Партијата беше пред ѕид. Излезот го најдоа во политичка и идеолошка радикализација. Тоа беше најефикасната стратегија за да се тргне фокусот од корупцијата и големата економска криза од 2009 до 2011. А кога такви нешта ќе се извлечат од маргините на општеството и ќе се покренат, тогаш тие добиваат сопствена динамика и живот“, вели Багиќ.
Што се однесува до министерот Хасанбеговиќ, Багиќ смета дека тој на функцијата дошол со мисија за медиумите. Тоа тој го објаснува со однесувањето на ХДЗ во изминатите три години и изјавите на Карамарко по изборите. „Тој за релативниот неуспех на ХДЗ на изборите ги обвини медиумите. Во десното крило на политичкиот спектар постои незадоволство со општата медиумска состојба, бидејќи тие, во најголем дел, не прифаќаат критички однос на медиумите кон нив, па тоа го интерпретираат како инфилтрација на левичари во медиумите. Мислам дека постои некаква полутајна агенда да се направи обид долгорочно да се промени медиумската слика и цивилното општество кое се смета за антихрватско. Дел од власта сака да го ослабе тој дел од либералната јавност“, вели Багиќ.
Поддршка за десницата
Есеистот Велимир Висковиќ смета дека министерот Хасанбеговиќ е непознат човек меѓу културните работници, не е виден на културни настани, а проблематични се покажале и неговите ставови за Втората светска војна и антифашизмот кои можат да се вбројат во историски ревизионизам. „Очекував личност со десни ставови, но ова немаше да се случи ни во времето на Туѓман. Карамарко постави човек кој генерално ќе ја промени културната парадигма, ќе им ги земе средствата на непрофитните медиуми и ќе ги финансира оние кои заговараат десни или умерено конзервативни идеи“. Висковиќ нагласува дека во Хрватска сѐ почесто се избегнува зборот „десница“ и се заменува со „конзервативци“. „Вистинските конзервативци во светот се господа. Тоа не можете да го кажете за оние пет илјади луѓе кои пред неколку дена протестираа пред Агенцијата за електронски медиуми“, вели Висковиќ за ДВ.
Социологот Багиќ ги отфрла тезите дека граѓаните не гласале за ваква власт. „Исходот на изборите е легален и легитимен во контекст на изборниот и политичкиот систем. Постизборното создавање мнозинство е легитимен и неопходен механизам на владеење. Бесмислица е тоа да се доведува во прашање, доколку веќе прифаќате таков систем и изборен модел“.