1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затворите, главен проблем во Македонија

4 ноември 2010

По последната посета на Македонија, е забележано подобрување на условите за лицата кои се наоѓаат во притвор, истото не може да се каже за затворите, поточно за затворот Идризово, вели за Дојче веле Мауро Палма.

https://p.dw.com/p/PwKb
ЗатворФотографија: DW

Претседателот на Комитетот за спречување на мачењето и нечовечкото или понижувачко постапување или казнување, Мауро Палма при посетата на Македонија, побара итна евакуација и реновирање на петтото крило на затворот Идризово. „Морам уште на почетокот да направам разлика. Што се однесува до полицијата забележано е подобрување на ситуацијата во односот кон притоворените лица, а е подобрен и квалитетот на ќелиите за притвор. Проблеми постојат за време на сослушувањата и при апсењето и интервецниите од страна на полициските единици ’Алфи’. Постојат обвинувања за нивното однесување кое е неприфатливо, има лица кои доаѓаат од притвор во затвор со видливи знаци на лош однос кон нив. Проблемот на полицијата е внатрешната контрола", вели на почетокот од разговорот Мауро Палма.

Потребно е подобрување на условите во затворите

Ситуацијата во психијатриските болници, според него се наоѓа во просекот на она што се среќава и во другите земји, се разбира дека е потребно нивно подобрување. Но, главниот проблем во Македонија се затворите, нагласува претседателот на Комитетот за спречување на мачењето и нечовечкото или понижувачко постапување или казнување. „Затворите сега се главниот проблем при лишувањето од слобода во Македонија, посебно затворот Идризово во Скопје. Во Македонија имаме околу 2700 до 3000 затвореници, од нив околу 1300 до 1400 се наоѓаат во Идризово. Значи Идризово не е обичен затвор, Идризово е затворот на Македонија. Затворските услови во Идризово се затворските услови во Македонија."

Mauro Palma President of the European Committee for the Prevention of Torture
Мауро ПалмаФотографија: DW

Мауро Палма забележал дека има подобрувања во споредба со претходната посета на Комитетот, но во главниот дел во кој се наоѓаат меѓу 400 и 500 затвореници условите кои ги затекнале биле застрашувачки. „Ние побаравме од властите на Македонија веднаш да го затворат овај дел на затворот и затворениците да бидат внатрешно преразместени и веднаш да се извршат ургентни зафати. Како дезинфекција, бидејќи видовме многу инсекти и животни во ќелиите, потоа ставање на стакла на прозорците, смена на душеците од креветите, односно ургентни зафати за подобрување на животните услови."

Недостиг на програма за ресоцијализација

Но, не се само животните и материјалните услови најтешкиот проблем забележан во Идризово, вели Палма. „Посериозен проблем е недостигот на активности и недостигот на проекти во затворот, нема ниту еден проект кој ќе ги подготвува затворениците за враќање во општеството. Лицата кои се држат во затвор во катастрофални услови без програма за враќање во нормалниот живот, тие стануваат поопасни отколку кога влегле в затвор(...)Другиот важен проблем во Идризово е недостигот на менаџмент, секогаш при моите посети најдов различен директор на затворот, тие се менуваат често по изборите, не постои стабилност која ќе им дозволи да изготват програма за затворот и соработка со меѓународните институции."

Innenministerium Mazedonien
МВРФотографија: Petar Stojanovski

Комитетот не осудува, туку ги утврдува проблемите

„Улогата на Комитетот е да ги утврдува проблемите и да им помогне на властите за да најдат решение за нив, а не да осудува, ние сме подготвени да соработуваме и сакаме да имаме потрајни односи со властите." Мауро Палма на крајот нагласува: „Сакам да подвлечам дека соработката со владата е многу добра, има дијалог и имаме пристап до сите документи, сега треба само да започнат со работа на исполнување на она што го имаат зацртано, ние во тоа ќе им помогнеме."

Извештајот на Комитетот за спречување на мачењето и нечовечкото или понижувачко постапување или казнување, по окотмвриската посета на Македонија, се очекува да биде објавен во првата половина на идната година.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска