Западот загрижен од случувањата во Украина
7 април 2014Германската влада е мошне загрижена поради случувањата во источна Украина, вклучувајќи го окупирањето на државни згради од страна на проруските демонстранти, изјави портпаролот Штефен Зајберт.
„Последните случувања во Доњецк и Харков многу ја загрижија германската влада. Ги повторуваме апелите до сите лица на одговорни позиции да помогнат во стабилизирањето на регионот и да спречат дејствија, кои би можеле да доведат до ескалација на нестабилноста“, нагласи Зајберт.
Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер повторно апелираше за директен дијалог меѓу Украина и Русија и расчистување на најспорните прашања.
Портпаролот на високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, Маја Коцијанчич, исто така изјави дека ЕУ е загрижена за ситуацијата во трите украински региони со претежно руско население.
„Ние одлучно го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и ја поддржуваме украинската влада. Продолжуваме да апелираме за деескалација на кризата и избегнување на натамошна дестабилизација на ситуацијата во земјата“, нагласи портпаролот на Ештон.
САД нема да го признаат референдумот во Доњецк, ако тој не е во согласност со Уставот на Украина, изјави американскиот постојан претставник во Организацијата за безбедност и соработка во Европа, Даниел Бер.
Пратениците во Регионален совет на источноукраинскиот град Доњецк денеска прогласија создавање на „Доњецка Народна Република“. Пратениците се обратија кон рускиот претседател Владимир Путин со барање да испрати привремен мировен контингент во реонот на Доњецк и донесоа одлука за одржување референдум за влез на регионот во составот на Руската Федерација, не подоцна од 11 мај.
ОБСЕ, пак, денеска не доби објаснување околу движењата на руските трупи на источноукраинската граница. На вонредната седница на Постојаниот совет на Организацијата за европска безбедност и соработка руската делегација прво воопшто не се појави. Свикувањето на средбата не е оправдано, зашто поводот е премал, образложи рускиот претставник кога стигна подоцна. САД изразија жалење за ваквиот однос.
„Одбивањето на дијалог и дискусија повторно остава сомнеж во руските намери и штети на позицијата на Русија во меѓународната заедница“, изјави американскиот амбасадор во ОБСЕ, Даниел Бер.
НАТО пред неколку дена изјави дека не гледа знаци за повлекување на руските трупи од украинската граница. Според проценките на Алијансата, во граничниот регион се наоѓаат меѓу 35 илјади и 40 илјади руски војници.