Западна Европа и остатокот
24 јуни 2015„Кризата во Македонија е само една варијанта на она што ќе се случи во остатокот од Европа, доколку Западна Европа го загуби интересот“, оценува авторот на текстот „Западна Европа и остатокот на Европа“, Норберт Мапес-Нидик, во неделникот „Фрајтаг“, и продолжува:
„Во голем дел незабележано не само од јавноста, туку и од европските носители на одлуки, малата балканска земја во изминатите седум години се разви во авторитарна ’демократура’ во стилот на 90-те години на минатиот век. Избори се одржуваат, но се фалсификуваат. Медиуми има, но тие се под притисок. Правосудството формално ги следи европските стандарди, но де факто ја слуша владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Никола Груевски. И, со неодредени обвинувања за шпионажа се создаваат дури и политички затвореници.“
Неделникот во анализата на состојбите во регионот наведува дека на Косово „Европа ги затвора очите пред корупцијата и организираниот криминал, а моќниците користат прилика да се богатат“. Една нова опозиција во земјата, предводена од движењето Самоопределување, се додава натаму, бара „конечно воспоставување правна држава“, но истовремено се спротивставува на „помирувачката реторика на корумпираната елита, се залага за Голема Албанија и мобилизира антисрпски инстинкти“.
Споменувајќи го инцидентот во Куманово, авторот констатира дека „авторитарните режими и националистичките ’ослободителни движења’ си одат на рака едни на други во регионот“.
„Тие си се потребни едни на други и се користат. Целта - незадоволството кај македонското население од стилот и неуспехот на владата да се сврти во етничко корито не успеа, но македонската криза се‘ уште не е завршена. Пред неколку дена еврокомесарот Јоханес Хан пред камерите соопшти наводна согласност за предвремени избори во април наредната година. Што ќе се случува дотогаш, меѓутоа, е сосема нејасно. Авторитарниот премиер Груевски сака да остане на функцијата до новите избори во април и се надева - што има и реална основа - дека при намален интерес на Брисел, ќе може повторно да ги фалсификува изборите. И улогата на Брисел претскажува кобна иднина: комесарот Хан, Австриец, преговараше со нескриена симпатија за авторитарната влада во Скопје. Европа сака да има мир таму долу. Стабилноста е фетиш. Деталите за тоа како таа да биде постигната не се интересни. Во јавноста и онака се рашири мислењето дека Балканот не може да се спаси. Но, ако регионот претставува проблем, тогаш еден корумпиран диктатор е решение. Во пеколот ѓаволот е позитивна креатура“, оценува, меѓу другото, Норберт Мапес-Нидик во својот текст во неделникот „Фрајтаг“.
На Балканот владее студен мир
Со состојбите и иднината на Балканот се занимава и „Бадише цајтунг“. Политиокологот и публицист Винфрид Фајт, во текстот со наслов „На Балканот владее студен мир“, оценува дека тој студен мир „во секое време би можел да стане жешка војна“.
„Зашто ниту еден од фундаменталните проблеми во регионот не е решен: неразјаснетите национални прашања на Албанците, Србите и Хрватите, мизерната економска состојба и со овие две работи поврзаната тесна испреплетеност на политичка моќ и организиран криминал во речиси сите балкански држави“. Објаснувајќи го националните прашања на Балканот и наведувајќи ги притоа „албанското прашање“ и иднината на Република Српска, авторот го споменува и проблемот на „великодушното“ делење пасоши за Македонците од страна на Бугарија, кои „таа ги гледа како дел од својата нација“. Што се однесува до економската состојба на Балканот, во текстот се оценува дека земјите во регионот се сиромашни и дека има голема невработеност, што е причина за иселување. Притоа, се наведува дека „македонското население во изминатите 10 години се намалило од 2,1 на 1,6 милиони“ и дека од државата се иселиле „млади и добро образовани“ луѓе.
По војните од 90-тите години на минатиот век, ЕУ презеде одговорност за обнова на Западниот Балкан, стои на крајот на текстот и се наведува дека тоа делумно било направено „директно во форма на квази протекторати“ како Босна и Косово“, а „делумно со масивно присуство, како во Македонија“, но „успехот е умерен“. „Регионот во моментов повторно се враќа во геополитичкиот фокус на другите сили, како САД, Русија и Турција“, констатира Винфрид Фајт во „Бадише цајтунг“.