Балканот и војната во Украина: како да се заштеди струја?
18 април 2022Ако сака да види како расте инфлацијата, Небих Бушај треба само да прошета. Трговецот со зеленчук во неговата населба секоја недела пишува повисоки бројки на ценовниците, во пекарницата овој студент од Тирана сега плаќа еден и пол пати повеќе за омилените колачи, а кога оди со автобус кај родителите во Скадар, билетот сега чини 400 наместо 350 леки. Секојдневниот живот на Бушај во Албанија стана поскап, најмногу поради тоа што трошоците за транспорт нагло се зголемија.
Во еден момент цената на бензинот во земјата изнесуваше 260 леки за литар, што е повеќе од две евра, со што беше слична со онаа во Германија. Но, додека во Германија бруто домашниот производ по глава на жител е околу 46.000 долари, во Албанија е само околу 5.200 долари.
Енергијата, стоките и прехранбените производи веќе поскапеа на светските пазари поради пандемијата на коронавирусот, но војната во Украина предизвика цените во балканските земји вртоглаво да пораснат на речиси апсурден начин. Стрес-тест за целиот балкански регион, кој е една од најсиромашните области во Европа и каде и онака има мала финансиска слобода во приватните домаќинства.
„Сегашната инфлација многу потешко ги погодува посиромашните луѓе во овој регион бидејќи тие трошат многу поголем дел од својот приход на храна“, вели Питер Санфеј, економист во Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Додека луѓето во Германија трошат во просек само околу 15 отсто од својот приход на храна, во Албанија тоа е 41 отсто, во Косово сличен износ , а во Србија, Црна Гора и Северна Македонија домаќинствата плаќаат најмалку една третина од својот приход на храна.
Високи цени на храната, загриженост, протести
Директната трговија со прехрамбени производи со Русија и со Украина е релативно мала, а нејзиниот изостанок има мало влијание врз економската стабилност во земјите од регионот, оценува балканскиот економски експерт Ана Крешиќ од ЕБОР. Но, вкупната висока инфлација, која се чувствува многу подиректно на Балканот отколку на други места, го разнишува чувството на сигурност, враќајќи ги спомените од 1990-тите години.
Повеќе: Проширувањето на ЕУ - најдобар противотров за војната
Во Босна и Херцеговина во февруари се формираа долги редици, бидејќи луѓето се плашеа за своите депозити во руската Сбербанк, која беше погодена од санкциите на ЕУ. Дури откако беше јасно дека локалните банки Нова банка и АСА банка ќе го преземат бизнисот и депозитите ќе бидат безбедни, паниката стивна.
Во Албанија, зголемениот финансиски притисок сѐ повеќе се претвора во гнев. Од средината на март, околу 30.000 луѓе протестираа секој ден. Во Тирана, луѓето маршираа и свиреа пред канцеларијата на премиерот Еди Рама, секој ден две недели.
Најлоша енергетска криза во последните години
Меѓутоа, никаде кризата не ги откри структурните проблеми толку јасно како во енергетскиот сектор кај балканските земји. „Кризата јасно ги разобличи долгогодишните слабости во енергетскиот сектор“, вели економистот Крешиќ.
Голем дел од земјите од Западен Балкан се исклучително зависни од јаглен. Косово добива речиси 95 отсто од својата енергија од јаглен, Северна Македонија 80 насто, Србија и Босна и Херцеговина, секоја со удел од речиси 70 отсто од енергетскиот микс, зависат од јаглен и од функционални електрани на јаглен. Меѓутоа, во Србија, Северна Македонија и на Косово, државните електрани на јаглен не функционираа и имаа проблеми дури и пред енергетската криза.
Фактот што овие проблеми порано не се решија сега поскапо ги чини земјите. „Ако се прават грешки во енергетскиот сектор, треба да се увезува струја од друго место. А тоа сега се случува по значително повисоки цени“, објаснува Крешиќ.
Војна, криза, празни каси
Сите балкански држави се наоѓаат во слична криза, од почетокот на војната во Украина и значително повисоките цени на енергенсите. Затоа државите интервенираат со буџетски средства за да го ублажат притисокот.
Северна Македонија одлучи да ги намали индиректните даноци и да обезбеди дополнителна финансиска поддршка за пензионерите и лицата со ниски примања; Србија и Косово ги одржуваат трошоците за енергија стабилни и покрај зголемените цени. Но, колку повеќе траат војната и кризата, ситуацијата станува проблем за и онака оптоварената државна каса.
„Не претпоставуваме дека некоја од земјите од Западен Балкан ќе влезе во рецесија“, рече економистот на ЕБОР Ана Крешиќ. „Но, сметаме дека растот ќе биде помал во блиска иднина поради ситуацијата“.
Санкции: Србија бара посебен статус
Додека Албанија, Косово, Северна Македонија и Црна Гора и Косово рано застанаа на страната на ЕУ и на Украина, Русија може да смета на поддршка во делови од Балканот. Иако раководството на БиХ ја поддржува Украина од почетокот на војната, повеќето луѓе во Република Српска се проруски настроени, во голем дел поради поддршката на Москва за напорите за независност на Република Српска.
Слично е расположението и во Србија, каде Русија многу повеќе се перципира како близок сојузник отколку ЕУ. Русија стратешки инвестираше во регионот во минатото - најактивни беа државната нафтена компанија Зарубежнефт и подружницата на Газпром-Нефт. Од 2008 година, Нефт дури има мнозински удел во најголемата српска компанија за нафта и гас, Нафтената индустрија на Србија (НИС).
Минатата година, руското раководство и понуди на Србија фиксна шестмесечна цена за рускиот гас како знак на „пријателство“, При постојаното зголемување на пазарните цени на гасот до над 800 долари за 1.000 кубни метри, Србија плати само 270 долари за истиот износ.
За неодамна реизбраниот претседател Александар Вучиќ ова „пријателство“ вреди дури и кавга со ЕУ: Србија е единствената во регионот што одлучи да не ја следи линијата на ЕУ и да не воведува санкции кон Русија. Во меѓувреме, Србија го поддржа исклучувањето на Русија од Советот за човекови права на ОН, но не сака отворено да ѝ се спротивстави на Русија.
И следниот пријателски договор за гас со Москва е веќе постигнат: договорот за следните десет години треба да биде потпишан во средината на мај.
Зависни од ЕУ
Од друга страна за Босна и Херцеговина, Србија и Северна Македонија, особено за нивните автомобилски индустрии, клучно е ЕУ да помине низ актиелната криза на стабилен начин. Босна и Херцеговина е исто така зависна од дознаките на иселениците од странство, кои сочинуваат речиси осум отсто од бруто домашниот производ на земјата. Ако економскиот раст во ЕУ забави, тоа може да значи и помалку дознаки.
Но, од друга страна, руската агресивна војна во Украина може да помогне долгорочно да се стабилизира ситуацијата на Балканот - доколку ЕУ одлучи повторно да ги активира пристапните преговори на тие земји со Европската унија, кои беа запоставени во последните години.
Економистот Питер Санфеј е оптимист: тој е убеден дека Западен Балкан ќе излезе посилен од кризата. Регионот и неговите луѓе ја докажаа својата издржливост во последниве години, вели тој: „Во текот на изминатите 20 години, регионот станува сè постабилен. Финансиската криза, пандемијата на ковид- регионот и претходно минувал низ други кризи“.