1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Замрзната медена земја

15 јануари 2020

Ако не успееме, заедно со стратешките партнери, да направиме суштински напредок во 2020, шансите понатака експоненцијално ќе се намалуваат. После тоа, ќе се крстиме во добивање Оскар за да се појавиме на мапата повторно

https://p.dw.com/p/3WE51
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Во регионов, сите посериозни политички процеси кои беа почнати во претходниот период, се замрзнати и немаат никаква разрешница.  Се прашувам зошто овој меден полуостров, ветена земја, толку долго се противи на глобалните трендови, зошто е заглавен во недефинирана политичка територија, и дали во основа тоа може да се придвижи во догледно време.

Ако ги погледнеме суштинските политички проекти на Балканот, оние кои се наменети на регионот да му овозможат квантен напредок кон глобалното семејство на демократски и развиени општества, заклучокот сам се наметнува: ние сме заглавени во статус кво, и нема напредок по ниедно поважно прашање. Стабилизацијата на Црна Гора, каде поентата беше да се затвори сферата на влијание и трајно да се ориентира земјата кон западните вредности и сојузници, се комплицира и се проблематизира, а секако не е завршена.  Реформата на владеењето на правото, која вклучува и судски реформи, но и борба против распространетите корупција и клиентелизам во Албанија, исто така е замрзната и нема напредок.  Преспанскиот договор, кој требаше да биде пример за регионот за тоа како проблемите се решаваат на маса, не ја доби својата завршница во смисла на евроатлантските интеграции, па со тоа тој модел сеуште не носи траен кредибилитет за да може да се реплицира низ регионот.  Статусот на Косово е исто така процес кој е заглавен во низата возможни и невозможни идеи и решенија. Демократските реформи во Србија, и европската иднина на Босна и Херцеговина се исто така никаде.  Вкупно, ниту еден посериозен проект на Балканот не е завршен, и таквата состојба го држи целиот регион, како систем на сврзани садови, надвор од светските текови веќе подолго време.

Доминација на старите елити

Без премногу езотерија и теорија на заговор, мислам дека постојат повеќе причини за ваквата ситуација.  Првата е дека во регионот сеуште доминираат старите елити со старите политички наративи.  Со сите циклични промени на власта и играчите во политиката, во основа, играта останува иста. Србија е заглавена во истиот национален наратив кој доминираше на почетокот на ерата на Милошевиќ.  Босна е вплеткана во бесконечна криза со низок идентитет, но без надеж за суштински пробив.  Во Македонија и Албанија политичката состојба е исто така статична: истите два големи блока, про западен и националистички, без можност за помирување. Сеуште истите приказни на популисти и глобалисти, патриоти и предавници, еурофили и еурофоби. 

Претходни колумни од авторот: 

Година на незавршени работи

Кога два и два не смеат да бидат четири

Хроника на еден најавен развод

Кандидат за мандатар - повеќе симболика, помалку придобивки

Недоволна посветеност на регионот

Ваквиот жабарник на политичките елити оневозможува регионот сам да направи суштински пробив во реформирање на своите општества, а досегашната замена за таа иницијатива – меѓународната заедница – во моментов е зафатена на друго место.  Тоа е втората причина за недостатокот на напредок: меѓународната заедница е сеуште некоординирана и недоволно посветена на овој регион.  Спорадичните пробиви на интерес се во основа утешна награда, зашто суштинска стратегија за среднорочна активност, која би била конзистентна и постојана, нема.  Со толку жаришта низ светот, со постојаната дилема околу иднината на европската заедница, не е ни чудно што овој регион се лизга на скалилото на приоритетите, но таквото поместување секако нема да ги забрза реформите.

Ретроградни сили

Третата причина допира назад до езотеријата и теориите на заговор, а таа е дека вкоренетите и етаблирани елити и ретроградни сили, се борат против напредокот.  Каде надворешни влијанија кои не сакаат овој регионот да се стабилизира, каде национални романтичари кои веруваат дека во еволуцијата на видовите, појавувањето на нивниот народ е во мртва трка со појавувањето на амебите, каде чисто прагматични популисти, кои преку измислени митови се борат за подобра политичка позиција, постојат сериозни и упорни сили кои очајнички се борат против напредокот за кој зборуваме.  И, како и во секоја борба, некои денови победува тореадорот, некои денови бикот.

Bildkombo Flagge EU Albanien Mazedonien
Фотографија: Imago

Затоа сум убеден дека датум за преговори, за Македонија повеќе, но и за Албанија, се едни од најважните варијабли не само во наредната година, туку и воопшто за регионот на долг рок.  Валоризацијата на договорот од Преспа преку датум за преговори ќе отвори домино ефект во целиот регион. Ќе реституира дел од изгубениот оптимизам и доверба во европскиот процес и институции.  Ќе ги забрза реформите дома, односно ќе ги откочи клучните реформи.  Ќе го затвори преспанскиот модел на разрешување на проблеми како успешен модел, кој може да повлече домино ефект во целиот регион, барем успешно да се реплицира во преговорите за Косово.  Ќе ја енергизира меѓународната заедница околу една конструктивна и успешна приказна.  На крајот, ќе го омеѓи овој регион како завршена стратешка ориентација, па ретроградните сили ќе почнат повлекување.  Со еден збор, ќе не` префрли преку ридот. 

Токму затоа, клучно е во оваа година да ги направиме клучните исчекори кои би можеле оваа стратешка прозападна ориентација да ја зацврстат како трајна определба, како неповратен стратешки консензус.  Инаку, фразата „Исток не отпиша, Запад не нé запишуе“, звучи излитено, но во токму такво лимбо ќе живееме без пробив.  Ако не успееме, заедно со стратешките партнери, да направиме суштински напредок во 2020, шансите понатака, експоненцијално ќе се намалуваат.  После тоа, ќе се крстиме во добивање Оскар за да се појавиме на мапата повторно.