Седница за Законот за заштита од заразни болести на 27-ми
22 октомври 2020Измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести ќе се најде пред пратениците на 27 октомври. И покрај апелот на министерот за здравство Венко Филипче што поскоро да се изгласаат измените во законот поради сериозноста на ситуацијата со коронавирусот, собранискиот спикер Талат Џафери вели тоа ќе се случи дури во вторник, во пакет со други закони. На седницата на 27 октомври на дневен ред пред пратениците треба да се најдат и ребалансот на буџетот и законот за заштита од дискриминација.
Повеќе:Болниците се полнат, црн рекорд на заразени и починати
На брифинг со новинарите Џафери рече дека поради партиски неусогласености ја повлекол пред два дена точката за утврдување на потребата од носење на овие измени по скратена постапка. Џафери истакна дека поради разногласието на партиите нема намера да свикува седница само за една точка на дневен ред по скратена постапка.
„Додека не се договорат партиите, нема да закажам таква седница за да се препираат пред цел народ. Нека се договорат, ќе им закажам седница на 27 октомври“, вели Џафери.
Законот ќе ги обврзе граѓаните да носат маски и на отворено, ќе се забрани групирање на повеќе од четири лица по 22 часот и не ќе може да се собираат повеќе од четворица гости во домот.
Опозицијата нема да гласа за мерките
ОдВМРО-ДПМНЕ повторуваат дека проблемот не е кај нив. Нема да гласаат за мерките, но ќе присуствуваат на седницата за да нема проблем со кворумот. Тие вината за високиот број на заразени ја лоцираат во власта и сметаат дека се’ што предлага Комисијата за заразни болести не носи ефекти. Повторија дека формирање на нова комисија, која би ја избрало Собранието, е клучно за справување со вирусот во земјата.
Повеќе: Клуч за ноќниот живот по 23 часот
За гласање на измените во Законот за заштита од заразни болести, е потребно просто мнозинство во парламентот, односно да гласаат најмалку 40 пратеници, доколку на седницата присуствува најмалку 61 пратеник. Проблемот со кворумот се појави откако неколку пратеници заболеа од Ковид-19, па точката во вторникот беше тргната по барање на ВМРО-ДПМНЕ, со образложение дека им е потребно време да ги разледаат измените на законот.
Се очекува до седницата да заврши изолацијата на тројцата пратеници кои беа позитивни на Ковид-19. Според Џафери, тие се во добра здравствена состојба.