1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Закани со смрт поради промената на верата

4 јули 2010

На заканите со смрт Сабатина веќе одамна се навикна. Оваа 27 годишна жена е конвертит - таа од ислам премина во христијанство, што за многумина конзервативни муслимани е „смртен грев“ во вистински смисол на зборот.

https://p.dw.com/p/O8t0

Кога Сабатина Џејмс на возраст од 16 години била одведена од австрискиот град Сарлајнсбах во Пакистан за таму да биде омажена за нејзиниот братучед Сулман, животот и’ се променил од темел: тесните фармерки, лакот за нокти и сонот за студии по глума станале табу. Наместо тоа, немилосрдна строгост на сунитската школа за коранот во пакистанскиот град Лахоре, психички терор во новото семејство, силување. Единствен излез гледала во обидот за самоубиство. Но, некако успеала сепак да се врати во Австрија.

Таму започнала повторно со модерен живот, одбила да го одржи присилниот брак со братучедот и од ислам преминала во христијанство. Нејзиното семејство тогаш решило дека Сабатина веќе нема право на живот.

Coverbuch Sterben sollst du für dein Glück Sabatina James
„Треба да умреш за својата среќа“, се вика книгата на СабатинаФотографија: Amazon.de

„Во 2001 година конвертирав од ислам во христијанство и затоа татко ми ми се закани. Ми рече дека најголемиот грев на муслиманите е напуштањето на исламот, а јас уште преминав во друга вера, за такво нешто во Пакистан жените ги каменуваат. Во Германија сега живеам под полициска заштита, во рамките на програмата за заштита на жртви.“

Пракса втемелена на спорна осуда

Иако наводната осуда на пророкот за напуштањето на исламот е спорна, во земјите како Саудиска Арабија или Иран таа служи како темел за примена на шеријатското право. За муслиманите во овие земји промената на верата буквално значи смртна пресуда. Затоа враќањето во Пакистан за Сабатина би било крајно опасно. Ситуацијата не е подобра ниту во многу други муслимански земји, вели експертот за ислам Марта Хајмбах и објаснува дека казните можат да бидат многу различни:

„Тоа во прв ред зависи од припадноста на одреден општествен слој, за која земја се работи и под какви услови е извршена промената на верата. Во семејството тоа секогаш претставува голем проблем“, објаснува Марта Хајмбах.

Sabatina e.V. Logo
Здружение за помош на девојки на кои им се заканува принуден бракФотографија: Sabatina e.V.

„Го молев Алах, а тој не ми одговори“

По крштевањето, младата Сабатина Џејмс, со новото христијанско име и променет идентитет, заминала во Виена, бегајќи од семејството. Таму во 2004 година ја објави книгата „Треба да умреш за својата среќа“. Во новиот живот младата симпатична жена работи како модел. Верата ја сменила благодарение на еден пријател од Австрија:

„Откажувањето од исламот кај мене следеше откако го молев Алах за помош, а тој не ми одговори. Во тој период запознав личност која ми го приближи христијанството. Интензивно се занимавав со Исус и сфатив дека целиот систем на вредности во Австрија, каде живеев, се темели на христијанството. Оваа религија ми ја објасни и вредноста на жената, Исус секогаш бил во придружба на жени. Таа безусловна љубов никогаш не ја искусив во исламот“, објаснува Сабатина.

Својата одлука таа ја платила со губење на семејството, со кое со години нема никаков контакт. Сепак, таа и денес вели дека најважна личност во животот и‘ е татко и‘, кого го сака и покрај заканите со смрт.

Во 2006 година таа го основала здружението Сабатина е.В. за помош на девојките, на кои им се заканува принуден брак. На оваа адреса веќе се јавиле многу девојки од Пакистан, Сирија, Турција и други муслимански земји. Во Германија под заштита на програмата на Сабатина е. В. се наоѓаат десет жени, на кои им е пружена финансиска и правна помош, но и физичка заштита.

Автор: Улрике Хумел/ Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска