Заев: насилството во Скопје платено со илјадници долари
16 јули 2018Македонската влада има повеќе сознанија дека „грчки бизнисмени“ кои „негуваат симпатии кон руската кауза“ им плаќале на македонски граѓани суми меѓу 13 и 21 илјада долари да „вршат насилнички акти“ за време на протестите против промена на уставното име, тврди премиерот Зоран Заев во интервју за американскиот портал Базфид.
Заев вели дека на самитот на НАТО во Брисел приватно побарал од американскиот претседател Доналд Трамп да му помогне за референдумот со кој треба да се изгласа промената на уставното име. Македонскиот премиер побарал од Трамп „да и помогне на нашата држава да има успешен референдум, затоа што нашите граѓани имаат демократско право да ја искористат оваа можност за да одлучат каква иднина сакаат да имаат“.
Во интервјуто Заев одбил да ги именува одговорните за плаќањето на насилниците, наведувајќи ги како причина тековната истрага и чувствителноста на дипломатските односи. Тој сепак тврди дека полицијата дознала за исплатите откако уапсила неколку учесници во насилните протести пред парламентот во јуни годинава.
За време на самитот на НАТО минатата недела, Грција протера двајца руски дипломати токму поради сомнеж дека потплаќале грчките државни претставници да работат против договорот за името меѓу двете земји.
„Руските претставници кои беа тука, но и други од Москва, ни самите не кријат дека се против нашата интеграција во НАТО“, вели Заев за Базфид. „Дел од нив се поврзани со медиумите, некои од нив ги охрабруваат младите луѓе да протестираат пред парламентот, да ги напаѓаат полицајците... Тоа е многу очигледно“. Властите во Црна Гора ја обвинија Русија дека стои зад неуспешниот обид за пуч во таа земја откако доби покана за членство во НАТО. Македонските власти тврдат дека нема да дозволат такво сценарио.
Заев ја поздрави одлуката на Грција да протера руски дипломати и вели дека тоа му дава сигурност дека Грција и се спротивставува на Русија во одбраната на договорот. Потегот го толкува како „добра порака“ до него и до македонските граѓани, дека Грција и покрај протестите и спротивставувањата „се грижи за договорот“.
„Ќе ги преземеме сите неопходни активности за да спречиме несоодветни активности кај нас“, вели Заев во разговорот.