Заев со нова „бомба“ за „лажниот патриотизам на Груевски“
6 април 2015Во воведното обраќање на пресконференцијата за објавување на 18-та т.н бомба, претседателот на најголемата опозициска партија во Македонија, Зоран Заев истакна дека со новообјавените снимки се симнува уште една маска на премиерот Никола Груевски , односно неговата најомилена-маска на голем патриот. Лидерот на СДСМ смета дека објавените снимки потврдуваат дека Груевски лично се испазарил за решавање на хашките случаи со амнестија.
Според Заев, снимките треба да уверат дека , за да остане на власт, Никола Груевски ниту го интересираат македонските национални интереси, во кои тој се крсти пред граѓаните Македонци, ниту го интересираат законите, ниту неговите соработници- од министри до пратеници .
„ Ќе слушнете како, рече Заев, без око да му трепне, Груевски ги фрла во оган најблиските негови соработници во владата и пратениците на ВМРО ДПМНЕ во парламентот, во коалициски пазари во кои неговата единствена цел е да ја обезбеди својата премиерска фотелја. Станува збор за периодот на зацврстување на владината коалиција ВМРО ДПМНЕ- ДУИ и за пазарот со хашките случаи во тие договарања“ . Лично Никола Груевски се испазарил со Али Ахмети за затворање на хашките случаи со амнестија. Груевски лично наредил, за тој да се заштити, целата постапка да ја префрли во парламентот“, изјави Заев при објавувањето на новата „бомба“ на опозицијата.
Во првиот сет разговори, како што тврди СДСМ, се слуша телефонски разговор меѓу Груевски и пратеничката Силвана Бонева. Тие се договараат дека хашките случаи мора да се протнат набризна во Собрание и тоа се‘ додека дојде до гласање на новата Влада. Според објавените снимки, Груевски вели дека веќе се договорил со Али Ахмети и инсистира тоа да се заврши за една недела и нагласува дека тоа е негов избор. Тој додава дека нивното мислење ќе биде, како што вели „на округло, па на ќоше“, а тие во Собрание ќе мора да се соочат со понатамошните реакции.
Во договарањето на стратегијата за носењето на законот, како и за потребното автентично толкување, Груевски, според објавените разговори ги инволвирал Гордана Јанкулоска, Трајко Вељаноски, Зоран Ставрески, Силвана Бонева, Силвана Бришковска – Бошковски, Кирил Божиновски и други и од сите нив очекувал како пратеници да обезбедат кворум и да дадат поддршка, бидејќи тоа е период кога новата Влада не е конституирана и кога дел од наведените функционери на ВМРО-ДПМНЕ се сѐ уште со статус на пратеници.
Но, отпор во врска со давањето зелено светло за ваквиот закон, рече Заев, дава дури и екс министерот за правда Михајло Маневски, кој одбивал да потпише согласност за законот.
Според дел од објавените снимки Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески разговараат како да ја избегнат седницата на парламентот.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска истакна дека за време на велигденските празници нема да објавува никакви докази, бидејќи се работи за голем христијански празник