Заев се „истрча“, смислено или непромислено!?
6 јуни 2015Лидерот на СДСМ Зоран Заев се налути, па се премислува. Во еден ден на двапати изненади, најпрвин со изјавата дека го откажува присуството во Брисел поради „пристрасност на еврокомесарот“, неколку часа подоцна со ретерирачки став, дека сепак е можно да оди на средбата со Јоханес Хан за надминување на политичката криза. Брзопотезните маневри на Заев беа испровоцирани од изјавите на Хан кој прво од Вашингтон порача дека претходните избори биле генерално позитивно оценети од меѓународните набљудувачи, за подоцна во телефонски разговор со Заев да дополни дека ОБСЕ и ОДИХР констатирале и одредени неправилности.
„Нема никакво оправдување за ваквите изјави на Заев. Ваквото менување на ставови, што не му е прв пат, е политички дилетантизам. Изјавата на Хан беше јасна, а ставовите на ОБСЕ и ОДИХР за изборите се добро познати и оттука не гледам причина за тоа да се проблематизира. Изговорот е навистина банален, а со ова тој по којзнае кој пат покажува несериозност и потврдува дека тој очигледно не го води СДСМ туку конците ги влечат некои други кои за лични интереси се подготвени дури и да ја жртвуваат државата. Во секој случај Заев со ова губи, и да се премисли или не, без разлика. Покажува несериозност и во очите на меѓународниот фактор. Секое делување од страна на Хан е координирано со сите одговорни во ЕУ, а постојаното присуството на американскиот амбасадор Бејли апсолутно потврдува дека еврокесарот ја има поддршката и од САД. Оттука е неодговорно да се тврди дека постои дисфункционалност, или уште поопасно да се пласира теза дека Хан делува на своја рака“, коментира за Дојче веле политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Високи очекувања од Заев дома
Дел од аналитичарите пак препознаваат одредени мотиви што го оправдуваат потегот на Заев кој притиснат од високите очекувања дома има се помалку мотиви за компромисен договор:
„Мислам дека прв приоритет на меѓународната заедница е да се придвижиме кон некаква стабилизација, односно да се ресетира системот со релегитимирање на политичкиот естаблишмент преку нови избори, но со основен предуслов резултатите на тие избори да бидат потоа признаени од сите. Тука се кршат копјата. Изгледа дека Заев единствено прифаќа ваков договор доколку се смени составот на Владата, а Груевски единствено тоа не го прифаќа. Мислам дека сепак ќе се постигне некаков компромис, но сега Заев за разлика од Груевски, има помалку мотив да се договори, зашто е притиснат од високите очекувања дома. Дополнително, тој не е сигурен дека ваквиот политички договор на терен ќе се спроведе, зашто минатиот (за 24 декември) не се спроведе. Оттаму, мислам дека неговата преговарачка позиција ќе биде тврда, па можно е на 10-ти да нема конечно решение. Тоа сепак не значи веднаш радикализација, туку мислам дека ќе се оди на нова рунда преговори со компромис. Се брза, зашто набрзо се очекуваат првите верзии на работни текстови за извештајот, ако нема договор, нема препорака, а тоа никој во Брисел не го сака, па така мислам дека притисокот експоненцијално ќе се зголемува како се наближува крајот на месецов“, смета аналитичарот Петар Арсовски.
Посредништво од највисоко ниво
Ваквиот развој според дел од аналитичарите пак покажува дека проблемот бара засилено дипломатско посредништво од највисоко ниво:
„Ако не се доразберат Хан и Заев и по телефонскиот разговор, тогаш очигледно дека ситуцијата ќе бара повиско ниво, или Федерика Могерини или САД. Овие два- три дена ќе биде жешко, затоа што ситуацијата е компликувана. Очекувам дека САД поактивно ќе се вклучат во процесот. Што се однесува пак до алабанскиот политички фактор во земјата, сметам дека тие треба да инсистираат да се надминат недоразбирањата и да се финализира дијалогот за да се влезе во фаза за расправа за суштината на целиот процес“, смета аналитичарот Алберт Муслиу.
„Заев е соочен со притисок да не преговара со криминалци, па пак преговара, сега треба да се толерираат и вакви изјави од Хан, така што го оправдувам ова што тој го прави. Прво, одлуката е принципиелна затоа што од позиција на олеснувач не можеш да си дозволиш вакви изјави. Очигледно е дека е потребно заострување, но и засилено вклучување на Американците во процесот, бидејќи очигледно дека Европа не може сама да делува ефикасно. За жал, Европејците почитуваат само сила, а не и принципи“, коментира аналитичарот Мерсел Биљали.
Освен дообјаснувањето на Хан во делот на изборите и потребата од истрага за сите потенцијални злоупотреби кои произлегуваат од снимките, вклучително и тие за изборни неправилности, според СДСМ, еден од клучните моменти кои ја враќаат можноста на 10. јуни сепак да има средба во Брисел е тоа што, Европската комисија потврдила дека тогаш ќе се одлучува за организирање Влада која што ќе ги подготви изборите.