1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шест години од првите „бомби“ на Заев

9 февруари 2021

Судскиот процес за капиталниот предмет „Таргет-тврдина“ е пред крај. Она што е далеку од крајот, е употребата на „бомбите“ како конфронтациска алатка меѓу политичките опоненти

https://p.dw.com/p/3p5tP
Mazedonien Zoran Zaev Abhörskandal
Зоран Заев одржа четириесетина прес-конференции, на кои под мотото „Вистината за Македонија“ објави дел од од незаконски следените разговори од страна на УБКФотографија: Petr Stojanovski

Поминаа шест години од 9-ти февруари 2015 година, кога македонската јавност ги слушна првите аудио-снимки од морето незаконски прислушувани разговори на околу 26.000 граѓани: опозиционери, новинари, судии, обвинители, бизнисмени, пратеници, министри, академици, верски лица, невладини организации.

Од февруари до средината на јуни 2015 година, лидерот на тогаш опозицискиот СДСМ, Зоран Заев одржа четириесетина прес-конференции, на кои под мотото „Вистината за Македонија“ објави дел од од незаконски следените разговори од страна на Управата за безбедност и контразаузнавање (УБК), која ја нарече прислушкувачки монструм. Преку овие „бомби“ јавноста слушна како Владата ги уредувала и контролирала дел од медиумите, како течеле партиските вработувања, како се договарале изборни измами, како се избирале судии, како се преговорало за името, зошто се уривал „Космос“, како се одмаздувала власта кон политичките опоненти, како се купувале возила, плацови...

Повеќе:  Македонија во 2015 година: 334 дена агонија!

Што донесоа бомбите, а што „разнесоа“?

„Иако на некој начин беше трауматско, искуството со ‘бомбите’ ни овозможи увид во клептократско-авторитарното узирпирање на власта од тоа време“, вели политикологот Ана Чупеска.

„Посебно за поврзаните кривични дела кои ги извршил тогашниот естаблишмент и тоа во врска со: прикривање на убиство, на пример; сериозни злоупотреби на службени овластувања и организиран криминал; кривични дела против изборен процес; комплетно девастирано и во служба на извршната власт инструирано да делува судство, и.т.н. Значи ни обелоденија серија на системски и систематски антиуставни субверзии извршени од оние кои се најповикани да ја бранат демократската конституција! Благодарение на тоа соочување што ни го овозможија ‘бомбите’, сепак се случија и пржинските преговори, како и извештаите на Прибе, односно се креираа нови институции: СЈО и техничка Влада.., а и нив им помина векот, патем“, потенцира Чупеска.

Nord-Mazedonien Justiz l Wahlmanipulation - Angeklagte Saso Mijalkov
Од „Таргет-Тврдина“ во март поради застарување ќе отпадне едно од кривичните дела кое му беше ставено на товар на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контразузнавањеФотографија: Petr Stojanovski

Таргет тврдина" пред финиш

Токму така. Објавувањето на „бомбите“ беше кулминација, но и почеток за расплет на длабоката политичка криза во земјата. Заради потребата од расчистување на кривичните дела кои се поврзани или произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, во есента 2015 година беше формирано Специјално јавно обвинителство, кое отвори истраги и поднесе повеќе обвиненија поврзани со материјалите од прислушуваните разговори. Шефицата на СЈО, Катица Јанева, во 2019 година „се прослави“ на ист начин како дел од оние што ги гонеше, но многу побрзо од нив стигна до судска пресуда: беше осудена на седум години затворска казна. СЈО згасна, но не и предметите кои ги отвори, бидејќи нив ги презеде редовното Јавно обвинителство и ги распредели во надлежните јавни обвинителства.

Повеќе: 

Тргни - застани, некој ќе застари

Мијалков во судница ги оживеа „жолтите комбиња“

Капиталниот предмет „Таргет -тврдина“, кој се однесува на незаконското прислушување и на уништување на опремата со која е сторено кривичното дело, е пред самиот крај. Правосилни пресуди досега има за пет предмети, а неправосилни за осум. Еден предмет се' уште не е ни започнат, а за еден од декември 2019 до денес се одложени сите (пет) рочишта. Статусот на останатите предмети е следен: 11 се во доказна постапка, два во дополнение на доказна постапка, а за еден се чека објава на пресуда. 

Nord-Mazedonien Skopje Gerichtsprozess im Fall "Reket"
Шефицата на СЈО, Катица Јанева, беше осудена на седум години затворФотографија: DW/P. Stojanovski

Конфронтациска алатка

Добар или слаб учинок на судството? Впечатокот во јавноста е различен. Но, постои едногласност во осудата „бомбите“ да станат редовна практика и оружје во политичките битки.

„Од оваа перспектива, иако невообичаена, ‘бомбите’ сепак беа успешна алатка за справување со тогашниот режим, посебно имајќи ги предвид фактите дека режимот не допушташе базични демократски експозиции и изразувања на несогласувања со актуелната политика, па така, во тие конкретни околности ‘бомбите' станаа ‘легитимно' средство на политичката борба... Слично, како што во светот се' почесто сведочиме на блиски на оваа појавност т.н. leaks (wikileaks, luxemburgleaks; разговорите за бизнисите на Ердоган и неговиот син, мејловите на Хилари Клинтон и мноштво други). Овие понови, би рекла средства на политичката борба, се поврзани и со новите технологии и оттука тие станаа предмет на анализа на актуелните политички науки“, вели професорката на Институтот за политички науки при Правниот факултет на УКИМ. 

Повеќе:

Новинари со тужба бараат отштета за прислушкувањето

Обвинителството било прислушувано со години

Но, според Чупеска, она што како високо контроверзно прашање остана неодговорено, е - кој и до која мера ќе може да располага со вакви материјали и дали со нив можеби ќе тргува?!

„Гледаме дека ‘бомбите' тука, кај нас, добиваат статус на политичка конфронтациска алатка меѓу опонентите и треба да се запрашаме какви пораки се испраќаат до луѓето од службите кои се непосредно поврзани со надзорот. Дали тие, имено, ќе останат лојални на професијата и безбедноста на земјата, или ќе бидат поттикнувани да 'тргуваат' со вакви материјали?“, потенцира Чупеска.