1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев очекува мандат од Иванов

БГ
30 јануари 2017

Лидерот на СДСМ го повика шефот на државата да му го додели мандатот за формирање на нова влада. Заев е убеден дека ќе обезбеди мнозинство во Собранието и ќе успее да формира влада.

https://p.dw.com/p/2WeVg
Mazedonien Anti-Regierungsproteste Zoran Zaev Oppositionsführer Statement
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев очекува да го добие мандатот за состав на нова влада од шефот на државата Ѓорге Иванов. Заев денеска на прес-конференција рече дека ги нема обезбедено потребните 61 мандат за формирање на мнозинство, но тврди оти е убеден дека ќе успее во тоа.

„Досега не бевме во можност да обезбедиме мнозинство, но убеден сум дека ќе успееме во тоа“, рече Заев.

Тој е исто така убеден дека Никола Груевски „никогаш повеќе нема да биде премиер“.
„Се докажа дека Груевски го нема потребното мнозинство за да формира влада. ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби можноста да формира влада“, вели Заев.

Тој му порача на Иванов дека сите опции, освен доделување на мандатот, ќе значат „кршење на уставот и злоупотреба на функцијата“. Заев не откри како ќе реагира неговата партија доколку не го добие мандатот, но посочи на протестите на граѓаните во минатото, во ситуации кога биле прекршувани законите и Уставот.

„Постојат алтернативни решенија, секогаш има одговор на нешто што е непринципиелно и неуставно. Секој што се обиде во минатото да го крши Уставот веднаш предизвика контрареакции и потоа работите се вратија на свое место“, вели Заев.

Од претседателот Иванов се уште нема официјална реакција откако пропадна обидот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатарот Груевски да состават влада. Од неговиот кабинет денеска, за агенцијата Миа, соопштија дека Иванов чека известување од Собранието за чекорите на досегашниот мандатар.