1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев му ги посвети сите награди на „братот“ Борисов

БГ
17 јуни 2021

Без Борисов и неговата влада немаше да стигнеме на чекор до преговори со ЕУ, порача премиерот Заев на денешната средба во Софија. Борисов смета дека состаноците со Радев се залудни.

https://p.dw.com/p/3v5Be
Bulgarien | Treffen Zoran Zaev mit Bojko Borisov
Фотографија: Government North Macedonia

„Да не беше Бојко Борисов и неговата влада ние можевме само да сонуваме денеска да зборуваме за прва меѓувладина конференција со ЕУ“, порача македонскиот премиер Зоран Заев на денешниот состанок со поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов во седиштето на неговата партија ГЕРБ во Софија.

Заев, придружуван од вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска е во еднодневна посета на Софија во рамките на која, освен со Борисов, се среќава и со претседателот Румен Радев и со премиерот Стефан Јанев во обид да го одблокира европскиот пат на земјата.

Бугарското МНР уште од синоќа порача дека нема намера да отстапи од своите позиции и да даде зелено светло за почеток на преговорите на С. Македонија со ЕУ на јунскиот самит на Унијата.

Bulgarien | Treffen Zoran Zaev mit Bojko Borisov
Фотографија: Government North Macedonia

Претходно, токму владата на Борисов го блокираше почетокот на преговорите на С. Македонија со ЕУ во изминатата година и ги постави условите кои до денес останаа непремостлива пречка меѓу двете земји, меѓу нив и Рамковната позиција на парламентот од 2019 година.

Обраќајќи му се на Борисов со „брату мој“, Заев на поранешниот премиер му подари и кутија американски пури со зборовите „за шампионите - шампионски пури“, а потоа му се заблагодаруваше за неговиот ангажман.

„Благодарение на бугарската влада и премиерот повторно се врати вниманието на ЕУ кон Западниот Балкан, а не само кон С. Македонија, особено со самитот ЕУ- Западен Балкан во Софија“, рече Заев. Потоа објасни дека со тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас ги поставиле контурите на Преспанскиот договор токму во Софија за време на тридневните преговори кои честопати завршувале доцна во ноќта. 

„Затоа сите награди кои ги добивме ги посветивме на Бојко Борисов. Затоа што тоа што се случи со Грција никогаш немаше да се случи ако претходно не се случеше со Бугарија и ние тоа никогаш нема да го заборавиме“, порача Заев.

Борисов, пак, во воведот на состанокот ѝ порача на македонската делегација дека ќе бидат залудни останататите средби во Софија, со претседателот Радев и со техничката влада.

„Јас сум убеден, бидејќи ги познавам луѓето со кои ќе се сретнете денеска, особено за Радев, дека ќе ви кажат дека без парламент не можат ништо да направат. Тој повторно ќе ја префрли одговорноста на парламентот како претходно. Сегашната техничка влада ги има сите права и може да преговара со вас. Нов договор, ако нашиот не им се допаѓа. Но, ќе избегаат од одговорност, како што секогаш прават. Истовремено ги лажат евроатлантските партнери дека се за членство на Северна Македонија во ЕУ“, рече Борисов.