1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилност

Заев: македонските возачки ќе бидат признаени во Германија

БГ
22 февруари 2018

Македонскиот премиер вели дека поради техничка пречка неделава не бил потпишан договорот за признавање на возачките дозволи со Германија, но очекува тоа наскоро да се случи.

https://p.dw.com/p/2t7lQ
Führerscheine verschiedener Generationen
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Процедурата околу признавањето на македонските возачки дозволи во Германија се одолжува, но набрзо ќе биде завршена, изјави за ДВ, македонскиот премиер Зоран Заев.

Како што признава и македонскиот премиер, планот бил договорот да биде завршен и објавен во пресрет на неговата посета на Германија и средбата со канцеларката Ангела Меркел, но технички проблем ги одолжил работите.

„Целта ни беше да го објавиме постигнувањето на договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи за време на посетата на Берлин, но се јавија технички проблеми. Граѓаните треба да знаат дека не се работи за суштински проблеми и треба да очекуваат многу брзо решение на овој проблем“, вели Заев за ДВ.

Нашата редакција во петокот објави вест дека договорот е начелно постигнат, и дека остануваат уште некои технички детаљи кои треба да се синхронизираат пред неговото потпишување.

Интересот кај македонската дијаспора во Германија за признавање на возачките дозволи е огромен, за што сведочат и стотиците пораки и прашања кои деновиве ги добивме на нашата електронска адреса и на социјалните мрежи.

Заев: македонските возачки ќе бидат признаени во Германија

„Проблемот е што во Македонија се бара лекарско уверение при полагањето за возачка дозвола, а во Германија не“, објаснува Заев.
„Билатералните договори мора да се базираат на реципроцитет, односно мора да значат меѓусебно практикување на ист основ. Верувам дека нашиот министер за внатрешни работи и неговите служби ќе изнајдат начин како да го унифицираат тоа со Германија за да може да биде потпишан договорот. Повторувам, се работи за техничко прашање кое ќе биде решено, отстрането и конечно договорот ќе биде потпишан, а македонските возачки дозволи ќе бидат признаени во Германија“, ветува македонскиот премиер.

Од македонското МВР деновиве не известија дека постапката за потпишување на Заедничката декларација за намера за процедури за замена на возачки дозволи е во завршна фаза т.е. од усогласувањето на текстот на Декларацијата остана отворено уште само едно прашање, за кое се одржуваат координативни состаноци со германската амбасада во Македонија.

Читајте не и преку апликацијата на ДВ за андроид