1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев и Ципрас ќе го сечат јазолот кон средината од неделава?

28 мај 2018

Експертски групи решаваат технички и правни прашања, последниот збор ќе го имаат премиерите Заев и Ципрас. Домашни извори не исклучуваат договор до средината на неделава, извори во Атина велат дека тоа е преоптимистички

https://p.dw.com/p/2ySc5
Der mazedonische Ministerpräsident Zoran Zaev mit seinem griechischen Kollegen, Alexis Tsipras in Sofia
Фотографија: DW/B. Georgievski

Оптимизам, но и дискреција околу деталите владее во Скопје и Атина откако шефовите на македонската и грчката дипломатија, Никола Димитров и Никос Коѕијас во Брисел соопштија дека разговорите за името се во „завршна фаза“. Ваквата оценка прв ја обелодени Димитров, објаснувајќи дека на синоќешната средба со Коѕијас во Брисел постигнале рамка за компромис за името и дека се надева дека до Самитот на ЕУ на 28 јуни ќе се најде решение.

„Имавме продуктивна средба, имаме рамка што треба да се доработи и на неа во моментов  во Атина работат правни тимови од двете министерства. Се планира важен разговор на премиерско ниво, меѓу Заев и Ципрас кон средината на оваа недела, кога се надеваме дека ќе се пресечат некои важни работи од опциите што се во игра“, изјави Димитров за МИА.

„Важниот разговор на премиерско ниво“ се очекува и да биде пресуден. Најверојатно разговорот Ципрас-Заев ќе биде телефонски, но ако се покаже неопходно - не е исклучена и средба. Домашни политички извори за ДВ велат дека постои надеж оти решение може да се постигне многу порано од 28 јуни.

„Се очекува во средината на оваа седмица да се стигне до договор“, велат тие.

Наспроти ова, претставник на владата во Атина за грчката агенција АНА-МПА изјавил дека преговорите се наоѓаат во најкритичната пресвртница.

„Некои се брзаат да кажат 'оп', пред Скопје да скокне“, изјавил грчкиот владин претставник, и повикал на смиреност и трпение до Самитот на ЕУ во јуни.

ФАЦ: Унтер ден (И)линден

Ципрас се коцка во спорот за името со Македонија

Грчки министер: Илинденска Македонија не е на маса

Премиерите на отворена линија

Според грчки, но и домашни извори, телефонскиот разговор меѓу двајцата премиери и не е некаква „новина“, бидејќи во текот на целиот период Ципрас и Заев имале фреквентна комуникација. Последните разговори ги реализирале во саботата, еден ден пред средбата Коѕијас-Димитров во Брисел.

Според изворите на ДВ, во овој период покрај внатрешните, се интензивираат и консултациите на Скопје и Атина со европски и американски соговорници, кои и во изминатиот период биле извор на константна поддршка и охрабрување до двете земји за решавање на спорот. Шефот на грчката дипломатија кој денеска замина за Берлин, меѓудругото, се очекува да разговара и за постигнатиот напредок во разговорите за името со  германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, но и утре на средбата со германскиот колега Хajко Мас. Пред заминување за Берлин, Коѕијас потврди дека со Димитров „го завршиле нивниот дел“.

„Преговорите продолжуваат на експертско ниво, а кога ќе завршат и тие, текстовите подготвени од министрите ќе бидат во рацете на премиерите за конечен договор“, изјави шефот на грчката дипломатија.

Денеска и утре експертските групи ќе работат на решавање на техничките и правните прашања. Кога тој процес ќе заврши, текстовите подготвени на ниво на министри за надворешни работи ќе им бидат дадени на двајцата премиери, кои ќе разговараат со цел да постигнат конечен договор.

Имајќи го предвид лошото искуство од Софија, кога опцијата за можен договор (Република Илинденска Македонија) протече во јавноста пред да бидат направени внатрешни консултации во двете земји, се чини дека овојпат двете страни се решени да не се случи слична реприза. Не се објавуваат информации ниту за решенијата во предлог рамката, ниту за предлог името за кое се разговара. Се шпекулира дека покрај четирите предлози од сетот на Нимиц, се разговара и за уште едно „креативно решение“ кое би можело да направи дистинкција меѓу античката (грчка) и современа Македонија, но тоа не е официјално потврдено. 

Могерини: охрабрени сме од напредокот меѓу Скопје и Атина

Промена на играта

Министерот Димитров утрово на работен појадок ги брифирал европските колеги за последниот напредок во разговорите.

„Сите сме охрабрени од напредокот што е постигнат во преговорите меѓу Скопје и Атина. Сите ќе работиме да го поддржиме, се надевам, позитивниот исход од овие важни преговори“, изјави шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кој исто така беше на појадокот, својот став го искажа преку Твитер: „Благодарност до Никос Коѕијас и Никола Димитров за нивната конструктивна напорна работа. Сите од сѐ срце ги поддржуваме преговорите (...) Консензус во салата дека решението на името ќе ја промени играта за следните чекори во процесот на пристапување на Македонија кон Европската унија“, напиша Хан.

Последново се „чита“ како сигнал дека успешното решавање на билатералните спорови може да ги предомисли и креаторите на последниот нон-пејпер, во кој беше изразен отпор кон отворање на преговори со Македонија и Албанија.