1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: доста ја провоциравме Грција

БГ
7 декември 2017

Во интервју за Винер цајтунг македонскиот премиер Заев вели дека се надева на решение на спорот за името во следните шест месеци. Се бара замена за бјРМ во меѓународните организации со која ќе бидат задоволни двете земји

https://p.dw.com/p/2owJf
Mazedonien Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

„Нашата душа е европска“, вели во интервју за австрискиот Винер цајтунг македонскиот премиер Зоран Заев. Интервјуто е објавено под тој наслов, а во него Заев во најголем дел зборува за перспективите за приклучување кон ЕУ и НАТО и решавањето на спорот за името со Грција.

„Долги години Македонија ја провоцираше Грција. Се подигаа историски споменици, аеродромот се преименува во Александар Велики. Сега престанавме со тоа, затоа што сакаме пријателски односи со Грција. Ние споделуваме заедничка историја, и таа треба да не поврзува, а не да не дели. Ќе биде и во интерес на Грција да најде решение барем за еден проблем. Таа држава има отворени прашања околу Кипар и со Албанија, а покрај тоа и финансиски потешкотии“, вели Заев.

Тој се надева дека решението со Грција може да се случи во следните шест месеци, но притоа, иако објаснува какво решение се бара, одбива да каже за какво име се преговара.

„Сакаме да ја смениме актуелната  референца бјРМ во сите меѓународни организации- на начин со кој ќе бидат задоволни и Грција и Македонија. Јас сум роден како Македонец. Мојот татко и дедо исто така. Околу тоа нема преговори. Никој не може да ги смени моите и чувствата на моите сограѓани“.

Околу засиленото влијание на Кина, Русија и Турција на Балканот, Заев признава дека тоа постои, но вели дека Македонија не ги дели вредностите на овие земји.

„Овие земји се присутни. Кина, на пример, започна нова иницијатива 'Патот на свилата'. Тука се работи за економски интереси. Но што се однесува до вредностите, тие се далеку од она што ние го посакуваме. За тоа треба и ЕУ да е свесна, дека за нас постои само еден правец: кон ЕУ“, вели Заев.

Во однос на стравувањата од нов бран мигранти кои би можеле да ја заплиснат Европа, Заев вели дека Македонија е сега подобро подготвена од порано, но предупредува дека напролет би можел да се случи нов бран.
„Во моментов состојбата е мирна. Напролет и налето би можеле повторно да дојдат повеќе мигранти. Затоа се надеваме дека ќе се најдат решенија и во земјите на потекло. Истовремено, ние мора да ги обезбедиме нашите граници“, вели македонскиот премиер Заев во интервју за австрискиот весник Винер цајтунг.