1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев во Скопје ги донесе пријателите на Македонија

24 април 2018

Премиерот денеска е домаќин на респектабилни гости. Владата анимира влијателни поединци кои можат да помогнат за поголема промоција на државните интереси, вели националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски.

https://p.dw.com/p/2wXoo
Mazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Џорџ Робертсон, Марк Лејти, Ален Ле Роа пристигнаа во Скопје... Ова не е вест од 2001 година, кога овие имиња фреквентно дефилираа низ насловите на македонските медиуми во таа кризна година, но и ги одбележааа напорите да се стави крај на вооружениот конфликт со мировен договор. 

По речиси две децении тие повторно доаѓаат во Скопје, во време кога Македонија ја надмина политичката криза и ги трасира своите интеграциски патишта кон НАТО и ЕУ.  Премиерот Зоран Заев денеска ќе биде домаќин на високата делегација предводена од поранешниот Генерален секретар на НАТО, Лордот Џорџ Робертсон, во чиј состав ќе допатуваат и поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, Лордот Кристофер Гејд - поранешен секретар на Кралицата на Обединетото Кралство и член на Горниот Дом на британскиот парламент, Роберт Гелбарт - амбасадор и член на Атлантскиот Совет, Марк Лејти - поранешен специјален советник за комуникации на Генералниот секретар и портпарол на НАТО, и Сара Баденбо - како претставник на заменик-претседателот на Атлантскиот Совет на САД, Дејмон Вилсон.

Во Скопје пристигнува и Ален Ле Роа, францускиот дипломат кој ја претставуваше ЕУ во 2002 година, откако на таа функција го наследи Франсоа Леотар, и помагаше да се врати меѓуетничката доверба во Македонија. Неговиот придонес беше значаен и во екот на политичката криза во 2015 година, кога Ле Роа од позиција на Генерален секретар на службата за надворешни работи и безбедносна политика на Европската унија, помагаше во политичкиот дијалог на македонската лидерска четворка. Во македонската престолнина доаѓа и генералот Берни Вајт Спанер, поранешен командант на британските копнени сили, но и на мисијата „Неопходна жетва“ која го собираше илегалното оружје по конфликтот од 2001 година.

Ehemaliger NATO-Generalsekretär George Robertson
Џорџ РобертсонФотографија: Getty Images

Пријатели на Македонија

Што го донесе ова респектабилно друштво во Скопје?

„Владата, подолг временски период наназад вложува напори да анимира влијателни поединци од Европа и САД со личен авторитет на меѓународен план и минат труд поврзан со Балканот, кои можат да помогнат за поголема видливост и промоција на нашите национални и државни интереси. Првото претставување на јадрото на групата кое го нарековме 'Пријатели на Македонија', предводени од поранешниот генерален секретар на НАТО, Лордот Робертсон, ќе се случи денес во Скопје“, објаснува Стево Пендаровски, национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО.

Повеќе:

-НАТО сега или НАТО никогаш

-Попатни дилеми

-НАТО во три брзини

Премиерот Заев и Лорд Робертсон денеска во 15:30 часот во Клубот на пратениците ќе одржат заедничка прес-конференција, по што во 16:00 часот ќе се одржи панел дискусија, на која за состојбите и перспективите на Македонија ќе ќе зборуваат заменик претседателката во Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, Лорд Џорџ Робертсон, Росен Плевнелиев и Ален Ле Роа.

„На прес-конференцијата и на панелот очекуваме нашите пријатели да ги споделат со јавноста своите видувања за нас и за регионот во перспектива, со посебен акцент на идните чекори кои се непходни, со цел, конечно да ја позиционираме Македонија во евроатланските структури“, вели Пендаровски, кој исто така ќе учествува во панел дискусијата.

Bulgarien Präsident Rossen Plevneliev
Росен ПлевнелиевФотографија: BGNES

Подоцна, во 19:00 часот премиерот Заев ќе организира прием за високата делегација во хотелот „Александар Палас“.

Денеска ова нема да биде единствена дискусија за Македонија и нејзиниот на напредок. Во 11.00 часот собраниската Комисија за европски прашања и Мешовитиот парламентарен комитет РМ - ЕУ ќе оддржат седница на која амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, ќе го презентира Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија. На седницата обраќање ќе има и премиерот Заев, а свои согледувања ќе даде и Даниел Сервер од Универзитетот „Џон Хопкинс" во Вашингтон.

Пријатели на интересите партијата

А она што ја прави разликата меѓу „искрени пријатели на државата“ и „пријатели на партијата“ но со контраверзни цели, можно е да стане повидливо по дебатата што ја закажа Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во Стразбур. Таму денеска ќе се обрати македонскиот министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој ќе реализира одделни средби со Торбјорн Јагланд - генерален секретар на Советот на Европа, со Микеле Николети - претседател на Парламентарното собрание, со Гидо Раимонди - претседател на Европскиот суд за човекови права, со Дуња Мијатовиќ - комесар за човекови права на Советот на Европа и со членови на ПССЕ.

Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen
Никола ДимитровФотографија: Reuters/C. Baltas

Но, она што најмногу го привлекува вниманието на оваа априлска сесија, е закажаната „итна дебата“ за Извештајот на независнoто тело кое требаше да ги истражи „силните сомневања“ за корупција во ПССЕ. Повод беше аферата наречена „кавијар дипломатија“, која откри дека пратеници од 47 земји примале поткуп за да лобираат во полза на Азербејџан. Од парламентарците се барало да ги омекнат извештаите за изборите и состојбите со човековите права во земјата, а за возврат биле наградувани со пари, подароци, престои во луксузни хотели. Извештајот содржи бројни податоци од истрагата што траела 10 месеци. Меѓу имињата на поранешни и сегашни членови на ПССЕ кои се опфатени со истрагата за „кавијарската дипломатија“ е и Роберт Валтер, кој со споменува и во контекст на друга афера која изби во Македонија - изборот на Јован Илиевски за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Валтер од во октомври 2016 до средината на 2017 година бил платен од Владата на Емил Димитриев со 7.000 евра месечно за консултантски услуги. Во извештајот до Владата, Валтер навел опис на услугите за кои бил платен, а во еден дел стои дека ја советувал македонската делегација во Стразбур за изборот на судија во Европскиот суд за човекови права. Пратениците на ЕУ го избраа Илиевски, и покрај тоа што Комисијата претходно за нов судија во Стразбур ја предложи тогаш уставната судијка Наташа Габер Дамјановска.