1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Верувам дека ќе има двотретинско мнозинство!

9 јануари 2019

Редот е пратениците да го кажат својот став, но верувам дека ќе има двотретинско мнозинство да се заврши процесот, изјави премиерот во пресрет на денешната клучна седница на парламентот

https://p.dw.com/p/3BDwQ
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: Picture alliance/dpa/epa/G. Licovski

Македонија е пред жежок политички ден. Вниманието на домашната, но и на меѓународната јавност која поддржува што поскора интеграција на земјата во НАТО, е вперено кон денешната седница на македонскиот парламент, каде почнува последната фаза од процесот за уставни измени, со чие усвојување ќе се се имплементира историскиот македонско-грчки Договор од Преспа.

Од синоќа како да спласнаа грижите по прашањето дали е обезбедено неопходното двотретинско мнозинство од 80 гласови, со кои ќе бидат изгласани уставните измени. Пратениците од мнозинството велат дека „не чувствуваат никаква неизвесност“, а се повикуваат и на конструктивните разговори што ги имаше вчера премиерот Заев со партијата Беса на Билал Касими и со Алијанса за Албанците на Зијадин Села, кои испорачаа нивни барања во амандманскиот пакет.

Постигнат договор

Додека од разговорите со Беса нема детали, на средбата со Села биле реафирмирани заедничките заложби за успешно заокружување на политичкиот процес во парламентот, со цел евроатлантска иднина на државата.

Zoran Zaev
Фотографија: Picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

„Драго ми е што успеавме во постигнувањето договор“, рече премиерот Заев по средбата. Премиерот објасни дека во Преамбулата на Уставот по „македонскиот народ“, ќе бидат додадени „и дел од албанскиот народ, турскиот народ..,“ и по истиот принцип ќе бидат наведени сите етнички заедници. Исто така, наместо „дијаспората на македонскиот народ“, се додава „и на другите заедници“, а со амандман на Уставниот закон се внесува и Косово како петти сосед на Македонија.

Повеќе на темата:

-Уставни измени: Почнува последното пребројување

-Скопје и Атина влегуваат во финишот за „Преспа“

-Се тргаат сите пречки за „Преспа“

Преку овие прифатени амандмани, заеднички било оценето дека Алијанса на Албанците останува вградена во политичкиот процес на уставните измени со цел реализација на Договорот од Преспа. Премиерот посочил дека е „важно да се сочува македонскиот идентитет“, како и дека „двете партии, Алијанса на Албанците и Беса остануваат определени кон НАТО и ЕУ, а останува чувството дека тие водат грижа и за македонската етничка заедница и на самоопределувањето како Македонци“.

 Во врска со формулациите за државјанството и за јазикот изјави: „Правно - формално не можеме да го отвориме тоа прашање сега, но времето е пред нас и ќе даде можност за разговори“, додавајќи дека и во иднина останува посветен на инклузивен процес за сите прашања што ги засегаат сите етнички заедници во Македонија. На прашањето дали има поддршка од 80 пратеници, рече дека тоа ќе се знае на гласањето, дека редот е пратениците да го кажат својот став, но и дека верува оти ќе има двотретинско мнозинство да се заврши процесот.

НАТО и ЕУ - прироитет!

Пред ваквиот расплет, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи изрази сомнеж дека „скриена рака“ се обидува да го компромитира процесот.

„Се уште постојат ризици кои можат да го компромитираат овој процес, надворешни геополитички фактори, регионални и домашни фактори. Постојат сомнежи дека постои скриена рака која се обидува да го компромитира овој процес. Не велам дека албанските партии се дел од таа скриена рака, но понекогаш поради неснаоѓање или немањето искуство со ваквите комплицирани процеси, може да се создаде ваква перцепција“, рече Османи.

Села реплицираше дека нивните амандмани претставуваат праведни барања и никој не треба да се плаши од фактот сите да бидат еднакви. Пратеникот и секретар на ДУИ, Артан Груби, по вчерашната средба со шефот на Канцеларијата на НАТО во Македонија Зоран Јанковиќ, изјави дека „НАТО и ЕУ се апсолутен приоритет на ДУИ, на Албанците и на сите други граѓани во Македонија, и затоа никој не треба да го оспори овој процес“.

Ваквите реплики во албанскиот блок го привлекоа и вниманието на грчките медиуми, но по разговорите на Заев со лидерите на Беса и Алијанса за Албанците, денеска излегуваат со оценки дека „во парламентот по втор пат може да се постигне мнозинство од 80 гласови“.
Со оглед дека е најавено оти на седницата нема да присуствуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, се прогнозира дека седницата може да заврши најдоцна до петок, а можно е дури и во текот на следните 24 часа, по што ќе се отвори патот за трансфер на Договорот од Преспа во Атина.
„Со оглед дека германската канцеларка Ангела Меркел ќе биде во четврток и петок во Атина (10-ти и 11-ти јануари) се проценува дека господинот Заев сака да го заврши својот дел од договорот, побрзо отколку што првично се очекуваше“, пишува „Катимерини“.

Повик за сенароден протест

И додека во парламентот се прават последните подготовки за денешната седница, се очекува жешко да биде и пред Собранието. Политички партии и здруженија од земјата и дијаспората кои лани во ноември формираа Кризен штаб против промена на Уставот, за распуштање на Собранието и за распишување на избори, обединети под слоганот „Македонија блокира“ денеска напладне пред парламентот ќе организираат сенароден протест.

„Во ист ден, во исто време, внатре во Собранието пратениците ќе гласаат за уставните амандмани, а надвор пред Собранието ќе биде народот да ја брани македонската држава и македонскиот народ. Влегуваме во финална битка за одбрана на македонската држава и македонскиот народ“, порачаа од „Македонија блокира“.

Нартекувајќи ја таа битка „последна шанса за нашата генерација“, повикаа на масовно присуство за одбрана на името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.

„Го повикуваме и претседателот на државата Ѓорѓе Иванов да биде на страната на македонскиот народ и да се придружи на големиот семакедонски протест. Целта на сенародниот протест е со еден услов - распуштање на Собранието и избори без Зоран Заев како премиер“, соопштија од движењето „Македонија блокира“.