"Отворен Балкан“ ги скара Заев и Пендаровски
16 декември 2021Шефот на државата Стево Пендаровски и премиерот во оставка Зоран Заев влегоа во отворен судир за иницијативата Отворен Балкан. Откако во средата во Приштина, Пендаровски го оцени проектот како „фаличен“, Заев во четвртокот му реплицираше преку изјава за ТВ21 во која му порача дека не е надлежен за клучните придобивки од проектот.
„Особено неразбирливо е кога ваквата негативна реакција доаѓа од првиот човек во државата кој би требало да биде и прв во заштитата на интересите на граѓаните. Во Северна Македонија претседателот на државата нема никакви ингеренции во делот на олеснување на царинските процедури, во делот на воведувањето One Stop Shop премини за брз проток на границите, во делот на признавање на работни дозволи и дипломи“, изјави Заев.
Пендаровски смета дека иницијативата е фалична затоа што во неа членуваат само три држави од регионот: Србија, Албанија и Северна Македонија и вели дека истиот став го споделува со странски соговорници веќе две години.
„(...) Таа иницијатива е фалична од самиот почеток бидејќи наместо да учествуваат сите шест држави од Западен Балкан учествуваат само половината. И мојот став и понатаму ќе биде дека сѐ додека таа иницијатива не ги опфати сите шест држави на Западен Балкан нема да биде успешна“, оцени Пендаровски на прес-конференцијата со претседателката на Косово Вјоса Османи.
Косово, Црна Гора и БиХ одлучија да не се приклучат кон иницијативата од различни причини.
Пендаровски смета дека без оглед на добрите намери за регионална соработка, Отворен Балкан може само да биде дел од Берлинскиот процес кој предвидува економско поврзување на сите шест држави од Западниот Балкан.
„Добронамерни иницијативи се разбира може да бидат само дел, не може да бидат супституција на Берлинскиот процес кој продуцираше одлични резултати досега и кој трае веќе 7-8 години со тенденции да се проширува и обогатува со нови содржини“, рече Пендаровски.
Кој ќе се предомисли?
Заев смета дека негативниот став на Пендаровски нема да и наштети на иницијативата, но очекува од шефот на државата да го смени ставот.
„Јас сум изненаден што Пендаровски ги промени своите ставови за оваа пред сѐ економска иницијатива, но нема да бидам изненаден кога повторно ќе се премисли за да даде поддршка во периодот што доаѓа, а во интерес на граѓаните, државата и регионот“, рече Заев.
Но од Кабинетот на претседателот попладнево со изјава ставија до знаење дека Пендаровски, не само што нема да намера да го промени ставот, туку и повторија дека таквиот став му е познат на Заев веќе две години.
„Претседателот Пендаровски никогаш не бил против зајакнување на економските процеси, олеснување на царинските процедури, слободниот проток на луѓе и капитал меѓу земјите на Западен Балкан. Но, тоа што половина од државите во регионот не се дел од иницијативата „Отворен Балкан“ објективно го лимитира нејзиниот потенцијал“, велат од Кабинетот на Пендаровски.
На почетокот на следната недела во Тирана ќе се одржи следниот состанок на иницијативата на кој ќе присуствуваат албанскиот премиер Еди Рама, српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот премиер Зоран Заев.
Иницијативата од самиот почеток се соочува со тивки критики од претставници на ЕУ и на поедини влијателни земји-членки како Германија. Во интервју за ДВ во септември годинава, државниот секретар во германското МНР, Мигел Бергер одбегна директно да ја критикува иницијативата Отворен Балкан, но посочи дека иднината на земјите од регионот ја гледа во Заедничкиот регионален пазар- проект во рамките на Берлинскиот процес во кој членуваат сите шест земји од регионот.