1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загубената невиност на Шпанија

Бернд Ригерт
29 април 2019

Социјалистите победија на парламентарните избори одржани вчера (28.04.2019) во Шпанија, но вистински пресврт е влезот на десничарските популисти од партијата Вокс во шпанскиот парламент, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/3HbMo
Symbolbild Spanien Wahlen
Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS.com/L. Lizana

Одговорот на шпанските избирачи на сепаратистичките стремежи во регионот Каталанија е ново јакнење на шпанскиот национализам. Оној кој сака тврдоглаво и илегално отцепување, како што тоа го правеше каталонската влада, ќе биде строго укорен. Тоа е одговорот од сите големи партии во Шпанија, во меѓувреме и од Социјалистичката партија.

Под притисок на новиот национализам, социјалистичкиот премиер категорично се изјасни против каталонска независност. Ни Педро Санчез не може да си дозволи да важи за „предавник“. Поимите како „национално единство“, „татковина“ и „национална величина“ беа пресудни за носењето одлука на многу од луѓето. Разграничување навнатре, а можеби наскоро и нанадвор.

Шпанија за жал исто е во трендот

Од емоционалните дебати најмногу профитираше деснопопулистичката партија Вокс. Со својот одбивен став кон сепаратизмот, правата на жените, миграцијата, општествената толерантност и јавноста, очигледно таа го погоди нервот и одговори на длабоко всадената потреба на некои Шпанци. Постои носталгија по старите добри, наводно стабилни и сигурни времиња. Диктаторот Франко или бескруполозните освојувачи на Латинска Америка, ретроспективно биле оние кои Шпанија ја направиле „голема“, со цела сериозност веруваат симпатизерите на Вокс.

Партијата уште има поддршка од само 10 проценти, но како и во другите европски држави, ова десничарско мочуриште може да расте и некогаш да стане централно поитичко движење, како во Полска, Унгарија, Италија или Австрија. Трендот е одамна присутен, изборите покажаа дека сега фати корен и во Шпанија. Изборите за Европскиот парламент на крајот на мај секако ќе покажат дека овој феномен на нов национализам, од различни причини и со различна јачина, достигна до мнозинство од членките на ЕУ.

Длабоко поделена земја

Шпанија по овие избори останува длабоко поделена земја. Политичка стабилност не е на повидок. Христијанските демократи, од кои се отцепија десничарите на Вокс, исто така свртеа во десно и притоа драматично се осипаа. Либералите се неодлучни. Во левичарскиот табор нема мнозинство потребно за формирање влада, кое не би било зависно од сепаратистичките регионални партии.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Разнишана од економската и од каталонската криза, на Шпанија всушност ѝ треба јасно водство способно да ги спроведе итно потребните реформи. Фондот за пензиско осигурување треба да биде спасен од банкрот, на образовниот систем и на инфраструктурата им требаат инвестиции, мора да се запре отселувањето на младите таленти. Задолженоста мора натамошно да се држи под контрола. Сето ова ќе остане на мраз сѐ додека политичкиот табор во Мадрид е зафатен само сам со себе.

Непријателот Брисел“

Економијата навистина уште бележи солиден раст, но невработеноста е преголема. На долги патеки, Шпанија нема да успее на овој начин. Најголем дел од Шпанците уште е проевропски настроен и свесен за вредноста на членството во ЕУ. Но, тоа може да се промени ако се влоши економската состојба, ако банките повторно паднат во криза.

Повеќе:

Дали вонредните избори ќе значат крај за Педро Санчез?

Новата надеж на Шпанија

Ако на Вокс по „предавници на татковината“ во земјата, му се потребни нови проектирани слики на непријатели, погодни се токму оние за „бирократите од Брисел“. Десничарските популисти од Германија, Франција, Австрија, Италија ја водат својата изборна кампања за Европскиот парламент токму со оваа бесмислица и бараат „повеќе нација“. Шпанија можеби наскоро нема веќе да биде остров на евроблажените.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија