1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оџаците на битолската електрана кобни за здравјето

ДТЗ
7 септември 2021

Термоцентралите на јаглен во Западен Балкан ги кршат законите за загадување на воздухот и предизвикуваат смртни случаи - за две години починале над 19.000 лица.

https://p.dw.com/p/400ef
РЕК Битола
Електраната во Битола е меѓу најопасните централи во регионот во однос на здравствените влијанијаФотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Термоцентралите на јаглен во Западен Балкан ги кршат законите за загадување на воздухот и предизвикуваат смртни случаи. Од 2018 до 2020 година имало скоро 19.000 смртни случаи како последица на вкупните емисии од електраните на јаглен во Западен Балкан. 

Загадувањето од електраните на јаглен и покрај сите укажувања, останува екстремно високо во регионот. Последиците се чувствуваат и во Северна Македонија - двата оџаци на битолската електрана, Битола Б1+Б2 (60.422 тони) и Битола Б3 (24.091 тони), остануваат најголем извор на сулфур диоксид во земјата. Ова се количини што се деветпати над она што е дозволено да емитува електраната и се повисоки од вкупните емисии на сулфур диоксид од сите електрани во Германија. Ова го покажува најновиот извештај од CEE Bankwatch Network и Centre for Research on Energy and Clean Air (CREA), подготвен во соработка со Еко-свест. 

Електраната во Битола е меѓу најопасните централи во регионот во однос на здравствените влијанија што ги предизвикува. Според извештајот, доколку РЕК Битола ги почитуваше своите плафони за емисии, ќе избегнеше скоро 300 смртни случаи во Северна Македонија и други земји во 2020 година. Забележани се 6.290 денови на симптоми на астма кај астматични деца во 2020 година и 594 случаи на бронхитис кај деца во 2020 година. Вкупно 74.349 работни денови беа изгубени поради боледување предизвикано од загадувачот PM2,5 во 2020 година, што ја чинеше економијата во земјите од регионот 6 милиони евра. Во 2020 година имаше околу 212 кардиоваскуларни и респираторни хоспитализации поради ПМ2,5 од надминувањето на емисиите.  

Македонија Смог Скопје
Загадениот воздух предизвикува стотици човечки жртви во Македонија секоја годинаФотографија: picture-alliance/AA/N. Batev

Директиви 

Загадувањето од ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј во 2020 година е на истото високо ниво како и во 2019 година, посочува новиот извештај. Емисиите на прашина (ПМ честички) исто така остануваат сериозен проблем. Со 3684 тони од ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј заедно, нивото е скоро исто како во 2019 и 2018 година - повеќе од двојно повисоко од тоа што е дозволено за земјата. 

Директивата за големи согорувачки капацитети на ЕУ која што е пренесена и во македонското законодавство како дел од претпристапните обврски за ЕУ наложува земјата да ги има намалено емисиите од големите капацитети заклучно со јануари 2018 година. Сепак, како што покажува извештајот, во 2020 година емисиите и панатаму се на опасно високи нивоа, повеќепати над дозволеното. Во трите години откако Директивата стана задолжителна за имплементација во земјите од регионот, електраните во Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Косово редовно емитуваат шест и повеќе пати повеќе сулфур диоксид отколку што е дозволено. Како резултат на ова, од 2018 до 2020 година, се проценува дека само од електраните на јаглен од Западен Балкан се предизвикани околу 19.000 предвремени смртни случаи. Скоро 12.000 од овие се предизвикани заради надминувањата на граничните вредности за емисии на загадувачи што значи дека би можеле да се спречат доколку земјите ги исполнеле своите законски обврски. 

Deutschland I Kohlestrom I Großkraftwerk Mannheim
РЕК Битола е меѓу поопасните по здравјето на луѓето во регионотФотографија: picture-alliance/dpa/D. Kubirski

РЕК Битола е меѓу поопасните по здравјето на луѓето во регионот. Доколку емисиите биле доведени во законските граници, само во 2020 година би можеле да се спречат скоро 300 предвремени смртни случаи од рак, респираторни и кардиоваскуларни заболувања. 

„Во последните 10 години нема скоро никаков прогрес во намалување на загадувањето од електраните на јаглен. Земјава и понатаму е сериозно зависна од јагленот како енергенс и покрај најавите за постепено негово напуштање. Но, дури и ако се остварат стратешките определби да се затворат двете електрани во наредните пет до седум години, недозволиво е тие да продолжат да загадуваат на овие нивоа. РЕК Осломеј мора итно да се престане да работи без понатамошни одложувања, а ТЕЦ Битола мора да ги намали работните часови за да намали барем дел од загадувањето што го предизвикува“, вели Невена Смилевска од Еко-свест. 

-повеќе на темата: С. Македонија ќе го менува јагленот за сонце и ветeр

Според Давор Пехчевски, координатор за аерозагадување за Балканот во CEE Bankwatch Network, Северна Македонија официјално има план за престанок на употребата на јаглен и ова е пример што треба да следат земјите од регионот. „Но, работите мора да се одвиваат побрзо за да се овозможи максимална заштита на здравјето на луѓето“, вели тој, и додава дека мора интензивно да се инвестира во енергетска ефикасност, како и во сончева и ветерна енергија, за да може што побрзо да се случува планираната енергетска транзиција. 

Регионален проблем

Во последните три години новите стандарди за аерозагадување требаше да донесат намалување на штетните емисии од термоелектричните централи на јаглен низ Западен Балкан. Но, оваа година година емисиите од сулфур диоксид од централите на јаглен низ регионот сѐ уште флагрантно ги прекршуваат овие законски граници.

-повеќе на темата: Активистите апелираат до ЕУ: Спасете не од балканските термоелектрани!

Генерално, се проценува дека во 2020 година се направени здравствени трошоци помеѓу 6,0 и 12,1 милијарди евра како последица само на надминување на плафоните од централите на јаглен во Западен Балкан. Речиси три четвртини од овие трошоци (73%) се однесуваат на луѓе и земји во ЕУ (4,4 до 8,9 милијарди евра), 21% (1,3 до 2,6 милијарди евра) на земјите од Западен Балкан и преостанатите 6% на останатите земји (0,3 до 0,7 милијарди евра). Трошоците се на товар и на индивидуално и на национално ниво; преку лични трошоци за лекување, зголемени национални буџети за здравствена заштита и намалена продуктивност (што го влошува економското влијание). Поради пробивањето на плафоните на НПНЕ во 2018 и 2019 година, во март 2021 година Секретаријатот на енергетската заедница отвори постапки за решавање на спорови против Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија.