Завршувањето на виетнамската војна
29 април 2005
Луѓе во очај утрото на 30 април 1975 година се туркаа пред забарикадираните врати на американската амбасада во Сајгон. Имаа само една цел: сакаа да влезат и од таму, со хеликоптери да бидат префрлени од земјата.
Истрелите од далечината сигнализираа дека северно-виетнамската армија наближува. Падот на Сајгон беше прашање на време. Конечно се појави последниот американски хеликоптер со кој избега преостанатиот американски персонал.
Сето започна 13 години порано: во 1962 година Вашингтон испрати воени советници за поддршка на Јужните Виетнамци во борбите против војниците на Хо Ши Мин од север. Владите на Кенеди, а потоа и на Џонсон застанаа на страната на диктаторите во Сајгон, зашто стануваше збор за војна против комунистите, значи, според САД, за слобода. Шест години подоцна пловина милион маринци беа во акција во Виетнам. Веќе не се зборуваше за слобода, туку за „камен период„ во кој САД ја бомбардираше земјата. Од американските авиони беа исфрлени повеќе бомби отколку во целата Втора светска војна. Но, залудно. По шест години војна, американската армија е демотивирана. Во една студија на Пентагон од 1973 година беше запишано: околу 70 насто од сите војници во Виетнам земаат дроги во секаква форма, од тоа 34 насто хероин. Војната не можеше да се добие воено, ниту пак можеше да се брани поради огромниот отпор во американската јавност. Демонстрациите во САД стануваа се поголеми. И во Европа десетици илјади млади излегуваа на улиците. Во Германија студентите виетнамската војна ја направија сопствена работа давајќи му здив на бесот зашто владата на наводната земја-ослободител САД, всушност води брутална војна. Ричард Никсон во 1969 година ги доби изборите и затоа што вети дека ќе ги повлече војниците од Виетнам. Во 1973 замина последниот. Уште две години јужно-виетнамците војуваа без нивните победени сојузници. Во војната загинаа околу милион Јужни Виетнамци, слично како и во северниот дел и околу 60 илјади Американци.