Заборавените спасувачи од 11 септември 2001-ва
11 септември 2014„Повторно некои извршија самоубиство“, вели Џон Фил на крајот на малиот собир пред споменикот на спасувачите од 11 септември, во Несконест, на Лонг Ајленд, на еден час возење од Менхетен. „Ако не ви е добро, јавете се, разговарајте со мене“, вели основачот на фондацијата „Филгуд“, која, според сопствени наводи, досега собрала повеќе од 2,5 милиони долари за поддршка на болните спасувачи. Тој тоа го вели речиси молбено пред собраните околу 200 поранешни пожарникари и полицајци, кои по нападите од 11 септември 2001 година понекогаш со недели во урнатините од кулите близначки трагаа по преживеани, а потоа по смртните останки на загинатите.
Мала помош за помагачите
Многумина од луѓето кои први дојдоа да помагаат, а кои се собрани во знак на сеќавање на нападите од пред 13 години, се тешко болни. Тие страдаат од т.н. „9/11-болести“. Меѓу болестите кои ги има на списокот на фондот за помош „Victim Compensation Fund“, основан дури во 2011 година, се и рак, хронични заболувања на дишните патишта, како што е астмата, и тешки психички последици.
Спасувачите се чувствуваат лошо третирани од страна на владата, затоа што до денес мора да борат за пари за своето лекување. Еден од нив е Мајкл Мекфилипс, капетан на најголемата флота на траекти во Њујорк, кој на денот на нападите со своите луѓе пренесе повеќе од 290.000 луѓе преку реката Хадсон во Њу Џерси.
„Од 2004 година сум неспособен за работа. Имам тешко заболување на црниот дроб во краен стадиум“, вели Мекфилипс без да го промени изразот на лицето. Неговата болест му предизвикува постојани болки.
Како и многумина други спасувачи, и тој при расчиствањето и спасувањето вдишувал отровни материи по 18 часови на ден, со недели. „Го знаевме тоа кога влеговме во урнатините. Речиси сите тоа го знаеја, иако ни рекоа дека воздухот е чист.“
Чувство на вина и депресии
Вилијам Гарднер се пријавил како доброволец. И тој помагал за спасување на преживеаните од под урнатините. Главно работел без заштитна маска, понекогаш со маска од хартија. Постојано се чувствувал „виновен“ што нему и на неговото семејство им е подобро отколку на жртвите. Гарднер како последица на тоа страда од тешки депресии, така што 13 години потоа живее „речиси како заробеник во сопствената куќа“ и речиси и не излегува на улица.
Карол Паукнер на 11.09.2001 ја вршела својата должност како полицајка и била распоредена на евакуација во една од урнатите кули. Кога се урнал облакодерот, била погодена од еден дел од зградата. „Имав три операции по 9/11, на рамото и колената. Имам астма и постојани главоболки, а сега е дијагностициран и рак“, вели таа.
Разочарување од владата
Пред 11 септември 2001-ва била здрава, атлетски градена жена. Денес е работонеспособна. Како и другите и таа е гневна и разочарана. „Посакува, владата да им помогне повеќе на преживеаните и да сфати низ што минавме ние и нашите семејства“.
Владата дури по цели 10 години од нападите го донесе „John-Zadroga 9/11 Health and Compensation Act“, законот со кој на располагање се ставаат средства за медицинска нега и поддршка на болните.
Законот е крстен по полицаецот од Њујорк кој почина од болести на дишните патишта, а истекува во 2016 година. На 13-годишнината од нападите погодените се борат за продолжување на законот за уште 25 години. Њујоршкиот локален политичар Џон M. Кенеди Јуниор му дава поддршка на тоа: „Во секој случај ќе одам во Вашингтон да се борам за продолжување на законот. Временското ограничување е апсолутно неприфатливо со оглед на страшните страдања“.
Морална обврска за претставниците на народот
Повеќето од луѓето не знаат дека луѓе не гинеа само при нападите, туку дека голем број се починати подоцна, како последица од нападите, вели Џон Фил, кој и самиот бил спасувач. „Од болести поради 9/11 досега загубивме 1.500 луѓе, а уште 3000 имаат рак. Секој претставник на народот има морална обврска да се грижи за овие луѓе!“, нагласува Фил.
„Оној што добива државна помош, добива и сеопфатна медицинска нега“, објаснува докторот Мајкл Крејн за ДВ. Лекарот организира помош за пациентите со специфични 9/11 заболувања кои се згрижени во специјални клиники. Досега лекарска помош побарале 68.000 луѓе: „Меѓу нив има спасувачи, пожарникари, луѓе од квартот или поранешни жители во околината на кулите близначки“. Крејн очекува зголемување на бројот на потенцијално загрозените: „Ако проценката е дека се погодени 90.000 луѓе, тогаш имаме уште 22.000 кои не се појавиле во ординација“.
Поранешниот капетан Мекфилипс бара повеќе од само лекарска поддршка. „Не се чувствувам удостоен како спасувач“, вели тој пред влезот на новиот 9/11-музеј во Њујорк. „Токму овде би требало да се изгради споменик за спасувачите, зашто тие умираат како муви“.