1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заборавени на Балканската рута

Марија Илчева/БГ2 септември 2016

Стотици илјади бегалци минаа ланската година низ т.н. Балканска рута. Една година потоа, нашиот репортер Марија Илчева го мина истиот пат низ Грција, Бугарија, Србија и Унгарија. Еве што забележа.

https://p.dw.com/p/1JrYM
Balkanroute 2016 Reportage
Фотографија: DW/M. Ilcheva

„Тука сме само привремено“, се смее Абдуламир Хусеин и погледнува кон својата сопруга. Но таа гледа во земја и молчи. Кај двајцата е видлива исцрпеноста. 49-годишниот Ирачанец и неговото семејство се веќе 10 години бегалци. Во моментов се во Солун. Тие се дел од околу 7 илјади бегалци во Грција кои, во рамките на договорот во ЕУ, чекаат преселба во некоја северна европска држава.

По американската инвазија на Ирак, во 2006 година семејството Хусеин одлучува да пребега во, тогаш, мирната Сирија. Таму Абдуламир конвертирал во христијанство. „Од убедување“, тврди тој и го милува крстот на неговото синџирче. „Во Сирија живеевме добро, додека и таму не дојде војната“. Оттаму избегале во Турција - четири ужасни години. Повеќепати биле напаѓани од радикални муслимани. „Моравме повторно да бегаме“.

Во јануари 2016 му успеало да ги испрати синот и најстарата ќерка со нејзиното бебе во Грција. За тоа им платил по 1.000 американски долари по глава на шверцерите. Тројцата во меѓувреме успеале да стигнат до Германија. Абдуламир и остатокот од семејство успеале да стигнат до Грција еден месец подоцна, но границата кон Македонија веќе била затворена. „Немавме среќа“, вели додека ја прегрнува својата сопруга, која не може да ги запре солзите.

Balkanroute 2016 Reportage
Абдуламир ХусеинФотографија: DW/M. Ilcheva

Семејството Хусеин на македонската граница минао 110 дена. „Кошмар“, вели Абдуламир. Од затворањето на кампот во Идомени сместени се во Солун и чекаат шанса да заминат на север, кај своите деца.

Најбрзиот пат во моментов е преку Бугарија. За многу бегалци таа сега важи за транзитна земја. Но Абдуламир не е сигурен. „Македонците нѐ предупредија“. Таму е преопасно за едно семејство поради „ловот на бегалци“.

„Ве молам, депортирајте ме!“

Околу 500 километри е оддалечен следниот бегалски камп во Бугарија: во Пастрогор, мало село на тромеѓето меѓу Бугарија, Грција и Турција. Мнозинството тука се млади мажи од Авганистан и Пакистан. Речиси и да нема семејства. Најголемиот дел од денот го минуваат во малата сала во која има интернет пристап.

Balkanroute 2016 Reportage
Али Раза сака во Европа по секоја ценаФотографија: DW/M. Ilcheva

23-годишниот Пакистанец Али Раза раскажува дека татко му платил 3.500 долари за синот да стигне до Бугарија. За да стигне до Германија му требаат уште 2.500 долари. На прашањето зошто одлучил да мигрира одговара како и повеќето тука: „Затоа што сите сакаме во Европа“. Откако беше откриено дека бугарската полиција соработува со шверцерите, засилени се контролите на границата кон Србија. Дел од мигрантите бараат да се вратат дома. „Ве молиме, депортирајте нѐ!“, го молат тројца Авганистанци шефот на кампот во Пастрогор. Тие немаат пари за да го продолжат патувањето, ниту да се вратат назад.

За Али Раза тоа не доаѓа предвид. Тој сака по секоја цена да стигне до крајната цел. Од речиси 10 илјади регистрирани баратели на азил во Бугарија, никој не останува во земјата. Тие се добра можност за заработка и за локалното население. Во блиското градче Љубимец, сопственикот на една автомеханичарска работилница вели дека со месеци не може да најде работник. „Секој кој има автомобил може со неколку тури со бегалци да извлече месечна плата. Никој не сака да работи“, вели тој.

Последната пречка

Оние кои ќе успеат да ја минат бугарско-српската граница, продолжува кон северозапад. 900 километри е оддалечена следната граница, кон Унгарија. Но ЕУ членката, од јули годинава прима само по 30 бегалци дневно. Оние кои илегално ќе ја преминат границата веднаш се враќаат назад во Србија. Потоа завршуваат во транзитната зона кај Суботица. И тука, повеќето се Пакистанци и Авганистанци. „Речиси секој се обидува илегално да ја мине унгарската граница. „Некои успеваат, некои не“, вели Лазар Велиќ, раководител на приемниот центар. За разлика од мигрантите од Суботица кои имаат колку-толку нормални услови, 10 километри на север, кај граничниот премин Келебија, околу 200 луѓе чекаат можност да поднесат барање за азил. Условите таму, како и во импровизираниот камп кај преминот Хоргош, се очајни и потсетуваат на Идомени.

„Се плашиме од бегалци“

Во соседната Унгарија одбивноста кон бегалците е веднаш забележлива. „Во нашиот град нема бегалци - и добро е што е така“, вели една 60 -одишна Унгарка додека ги пружа алиштата. Ѓор е град со 130 илјади жители во близина на границата со Австрија. „Тука не сакаме бегалци, тие носат само проблеми“, вели жената која не сака да ни се претстави. „Немате ли вие (во Германија) страв од нив?“, нѐ прашува на заминување. Повеќето бегалци тука остануваат само една ноќ и продолжуваат натаму. Куса пауза пред да ја започнат последната делница од долгото патување - кон Австрија и потоа натаму до Германија.