„За Западен Балкан е потребно заедничко решение“
28 декември 2017Дојче веле: Многумина ја нарекуваат БиХ - пропадната држава. Зошто?
Кристијан Шварц-Шилинг: Босна и Херцеговина не е пропадната држава, туку сите се плеткаат во оваа Босна, посебно соседите Хрватска и Србија, но и Русија и Турција. На таков начин не може да биде водена ниедна држава, значи, БиХ не е пропадната држава, туку сите придонесуваат таа да биде неуспешна држава.
ДВ: Во тричленото Претседателство на БиХ има еден Бошњак, еден Србин и еден Хрват. Колкав дел од одговорноста сноси секој од нив за актуелната политичка криза во Босна?
Оваа конструкција - Претседателство составено од три спротиставени етникуми, не може да функционира како заеднички државен врв.
ДВ: Кој е главниот кочничар на Дејтонскиот договор (со кој беше окончана војната во БиХ и кој ја предвидува оваа политичка структура)?
Воглавно, тоа е Република Српска со нејзиниот претседател Милорад Додик и неговиот концепт: спремни сме на секој чекор кој нѐ одделува и нѐ прави понезависни, а БиХ ја прави надмината.
ДВ: Додик во интервју за Дојче веле рече дека сонува за референдум за независност и се подготвува политичка клима за отцепување на Република Српска. Што уште треба да направи Додик за да му се каже - стоп?
Многу голема грешка е што меѓународната заедница тоа го смета само за празна реторика. За Додик, тоа е негова реалност, тоа е неговата желба. Меѓународната заедница е во следната заблуда: важно е да нема војна, Додик може да биде смирен и сѐ е во ред. Тотално погрешно! Кога постои сила ставена во погон против државата, тогаш таа сила мора да биде елиминирана, со легални средства. Овде сме сведоци на развој на илегална ситуација, непредвидена со Дејтонскиот договор. За Додик ова е игра и негов сон, но за земјата - катастрофа.
ДВ: Друго интервју на Дојче веле неодамна ги разлути Србите: Бакир Изетбеговиќ, бошњачкиот претставник во Претседателството на БиХ изјави дека е подготвен да го признае Косово за независна држава.
Тој кажа нешто сосем паметно, Косово одамна требаше да биде признато. Од 27 ЕУ-држави, уште пет ја немаат признато косовската независност, само од внатрешнополитички причини, на пример Шпанија поради својот спор со Каталонија. Однесувањето на петте држави е апсолутен егоизам, а поради нив ние во Европа не сме во состојба да изградиме јасна политика кон Косово и Србија. Тоа е вистинска срамота!
ДВ: Што конкретно би ѝ советувале на Ангела Меркел во поглед на Западен Балкан?
Таа би требало веднаш да седне со францускиот претседател Емануел Макрон и да му рече: мораме да направиме сосема јасна програма за транзиција на државите од Западен Балкан кон ЕУ. Неприфатливо е ЕУ прво да помага на една, а потоа на друга земја, да ги извисува луѓето и потоа повторно да ги остави да се караат меѓусебно. Европејците треба да се погрижат за соодветни чекори за сите пет држави од Западен Балкан.
Кристијан Шварц-Шилинг, германски политичар од Христијанско-демократската унија, во периодот помеѓу 2006. и 2007. година 17 месеци беше Висок претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина. Од јули 2007. година тој е вклучен во посреднички активности преку од него основаната организација ЦССП - Здружение за интегративна медијација во Косово, Македонија и Јужна Србија.