За ЕУ одлуката на Иванов e загрижувачка
12 април 2016
ЕУ ја оцени како загрижувачка одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов и потсети дека државата се обврза да го промовира владеењето на правото и борбата против неказнивоста.
„Од тие причини, денешната одлука на претседателот Иванов за аболиција на бројни функционери предизвикува сериозна загриженост. Се случува во време кога сите партии треба да бараат начин да го одржат Договорот од Пржино. Ги повикуваме сите страни да избегнуваат интервенции кои ризикуваат да се нарушат повеќегодишните напори во земјата со поддршка на меѓународната заедница да се зајакне владеењето на правото“, се наведува во соопштението на ЕУ.
Оттаму му изразуваат поддршка на Специјалното Обвинителство и бараат тоа „да продолжи да ги истражува сериозните проблеми кои беа откриени минатата година“.
„Еднакво е важно да се подготват веродостојни избори и да се задржи земјата на евро-атлантскиот пат. Оттука клучно е сите партии да се вратат на дијалогот и да најдат заеднички договор кој ќе им служи на граѓаните“.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети оцени дека одлуката на „таканаречениот претседател“ Ѓорге Иванов да ги прекине судските постапки против политичарите нема ништо да реши.
Ахмети смета дека одлуката на Иванов „е избрзана и непромислена“ и соопшти дека побарал помош од Европската комисија за изнаоѓање решение од кризата, која, според него, се продлабочува.