1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За бездомните животни - само отров и насилство

Владимир Калински10 февруари 2013

Проблемот со животните скитници во Македонија е присутен подолго време. Се чини дека ниедна локална власт не направи сериозен ангажман за негово решавање.

https://p.dw.com/p/17baH
Фотографија: PETA Deutschland

На улиците во главниот град Скопје преживуваат од 3 до 5 илјади животни скитници. Нивниот број на ниво на целата земја не е познат. Од здруженијата за заштита на животните велат дека проблемот, иако ја засега целата јавност, со децении се провлекува и не се третира соодветно. Тие истакнуваат дека бездомните животни немаат апсолутно никаква заштита во земјава, освен онаа што ја добиваат од нив и од граѓаните:

„Поради несоодветно досегашно третирање на проблемот (прибегнување на масовно усмртување на животните) тој не се надминува и повлекува нехуманост кон животните, но и огромни финансиски загуби. Животните скитници се подложени на секојдневни малтретирања, сакатење и масовни труења и никој не одговара за тоа, иако здруженијата за заштита на животните посочуваат случаи на екстремна суровост“, вели Столе Велковски од здружението за заштита на животни, „Анима Мунди“.

Советот на Град Скопје во 2007. година изработи програма за решавање на проблемот. Градот го финансира проектот, а го извршува ЈП „Комунална хигиена“. Велковски коментира дека програмата за решавање на проблемот е одлично изработена, согласно светските стандарди, но во целост затајува нејзината имплементација:

„Програмата предвидува масовно заловување, стерилизирање, вакцинирање и одбележување на бездомните животни кои го поминале третманот, како и нивно враќање на територијата од која биле заловени, доколку истите не се вдомат. Евтаназијата е предвидена во случаи на неизлечиво болни или агресивни единки. Но што се случува? Во пракса таа не се спроведува и наместо масовна стерилизација се применува неоправдана стапка на усмртување на кучињата. Се убиваат здрави, неагресивни животни. Стационарот Вардариште не води никаква кампања за вдомување на животните. Сето ова резултира во комплетно неефикасна, нехумана, економски неподобна практика, која никако не може трајно да ја контролира бројката на бездомни кучиња, туку на „исчистените“ локации се населуваат нови единки, непознати, невакцинирани, репродуктивно способни.“

Straßenhund in Sofia
Фотографија: DW

Отровите се опасни за цела животна средина

Се‘ почесто во македонското општество можат да се забележат масовни труења и брутално изживување врз животни. Отрови се фрлаат по улиците и дворовите. Само на почетокот на оваа година, кучиња беа масовно отруени во околината на Велес и во неколку скопски населби. Многу често гледаме и сурово насилство врз животни. Неодамна полицаец, со службено оружје пукаше во куче во парк полн со деца. Во беровско село, низ смеа и забава, две полнолетни лица крвнички маваа куче со клоци и тупаници, пред да му ја исечат главата со секира и му ја набијат на кол. Од „Анима мунди“ сметаат дека полицијата не се ангажира доволно да ги гони сторителите, иако тоа треба да го прават по службена должност, согласно Кривичниот законик:

„До лицата кои фрлаат отров не можеме да дојдеме ниту да откриеме кои се, бидејќи во полицијата пријавите од типот ’ми го отруја кучето’ им се смешни. Најостро ги осудуваме ваквите злодела. Расфрлањето на такви високотоксични отрови е опасно за целата животна средина. Луѓето не размислуваат дека покрај тоа што ќе убијат животни, домашни и бездомни, можеби ќе настрада и некое дете“, вели Велковски.

Слободен пристап до отровни материи

Владимир Глигоровски е доктор по ветеринарна медицина. Тој објаснува дека трујачите најчесто го користат инсектицидот „ланате“ и кумаринските препарати кои се наменети за дератизација на канализациите:   

„До овие отрови може да дојде секој во земјоделските аптеки или на зелените пазари, без да му биде побарана лична карта. Секоја недела во мојата ветеринарна ординација доаѓаат сопственици со отруени кучиња. За жал, од десет спасуваме само три. Животното умира во страшна агонија. Отровот го запира центарот за дишење, ги напаѓа нервниот систем и срцето. Труењето трае до 15 минути во страшни маки.“

Потребни се измени на Законот

Столе Велковски од „Анима мунди“ оценува дека итно е потребно проширување на Законот за заштита и благосостојба на животните.

Strassenhund
Фотографија: Fotolia/jerfo

„Како прво мора експлицитно да се забранат одередени нехумани практики, како и да се воведат построги казни за прекршителите на одредбите од Законот. Луѓето на овој закон гледаат со потсмев и токму затоа бесрамно ги кршат неговите одредби. Меѓутоа, доколку би се вовеле посериозни и построги мерки за казнување, овој закон ќе дојде на исто рамниште како и хуманите закони, каде и му е местото.“  

Потребна е полиција за животни

Дали во Македонија е можно воведување на полиција за животни? Велковски вели дека во Србија и Хрватска оваа процедура е во тек, а тоа е показател дека ваквата појава е неопходна: 

„Искрено се надеваме дека во скоро време ќе се воведе вакво нешто и во Република Македонија, бидејќи потребата е голема. Обичната полиција не може соодветно да реагира при прекршоци на одредбите од Законот, бидејќи проблематиката за заштита на животните е специфична и потребни се посебни обуки. Од друга страна станува збор за проблематика која не‘ засега сите, бидејќи тука веќе не станува збор за тепано животно, туку за девијантни несоцијализирани лица кои свирепо убиваат животни и кои психијатријата децидно ги категоризира како опасни“, заклучува Велковски.