1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев и Ципрас на една, Мицкоски и Мицотакис на друга страна

12 јуни 2018

За премиерите  - иднина и успех, за опозициите - предавство и капитулација. Фактот дека опозициите во двете земји обвинуваат за отстапки, укажува дека нема губитник, туку двајца добитници, велат аналитичари.

https://p.dw.com/p/2zQRV
Mazedonien Proteste in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

„Да, за македонската иднина!“, порача премиерот Зоран Заев соопштувајќи дека со премиерот Ципрас постигнале фер-договор за решавање на дводеценискиот проблем, со компромисен предлог „Република Северна Македонија“ преведен на англиски и сите други јазици, и зачувување на идентитските одредници - Македонци, македонски јазик и кратенките МК и МКД.
„Нема веќе ФИРОМ“, рече Заев, и ја објасни предвидената динамика за имплементација на договорот, при што последниот збор ќе го имаат граѓаните на референдум. 
По два часа стигна одговор од најголемата опозициска партија. 
„Денеска е тежок ден за Република Македонија. Ова е се, само не достоинствено решение“, обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„ВМРО-ДПМНЕ останува на својот став: не прифаќаме уставни измени со цел промена на уставно име. Она што Заев се обидува да го претстави како епохален успех, е капитулација. Ако Зоран Заев се обиде  во парламентот на шверцерски начин да го протне овој договор, односно капитулација, треба да знае дека референдумот мора да биде задолжителен, а не консултативен“, рече Мицкоски. Тој јавно побара одговор: која институција е надлежна за потпишување ваков тип договори - Владата или претседателот? Притоа потенцираше дека неговатата партија се залага за членство во ЕУ и НАТО, но според резултати, а не според капитулации. 
Преговорите на Заев ги нарече „егзибиционистички“, а запрашан како ќе се изјасни на референдумот, Мицкоски децидно изјави дека ќе гласа против ваков договор. Тој најави дека заради ваквиот исход од преговрите ги откажал планираните патувања надвор од земјата и побара детални информации за договорот. 

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE
Христијан Мицкоски смета дека договорот со Грција е капитулација за државатаФотографија: Petr Stojanovski

Бучковски: Договорот го заштитува нашиот идентитет

Во дел од јавноста расте еуфоријата дека конечно ќе се стави крај на спорот и ќе бидат деблокирани интеграциските процеси на земјата. „Браво Заев!, „Ова е вистинско лидерство“, „Врвен патриотизам е да се обезбеди иднината на Македонија“„ Се гордееме со вас“ - се дел од бројните пофалби на социјалните мрежи до премиерот и Владата за „историскиот договор со Грција“. Противниците на договорот, пак, обвинуваат за  „предавство“, „капитулација“, со пораки дека „некој треба да одговара за вeлепредавство“, и повикуваат „Иванов да каже 'не' за договорот“...
Оние кои имале можност да се уверат колку е тежок и макотрпен процесот до решение на дводеценискиот проблем, се уверени дека станува збор за добро решение.   
„Пред нас е договор кој го заштитува нашиот идентитет и ги отвара портите на НАТО и ЕУ“, вели поранешниот премиер, Владо Бучковски.
„Верувам дека ваквиот договор ќе ја добие мнозинската поддршка на референдумот на крајот од септември. Исто така верувам и дека ВМРО ДПМНЕ ќе ја почитува волјата на граѓаните изразена на референдумот и ќе гласа за уставни измени за нашето ново уставно име. Единствено во што не верувам е дека претседателот Иванов ќе смогне сили за достоинствено да го заврши својот мандат“, вели Бучковски.
Премиерот Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров утре во 10 часот ќе го информираат шефот на државата Ѓорге Иванов за постигнатиот договор, а претседателот да го изнесе неговиот став откако ќе ги слушне сите детали. Тој претходно се изјасни дека е против име за севкупна употреба. 

EX-Premierminister von Mazedonien Vlado Buckovski
Бучковски: не верувам дека претседателот Иванов ќе смогне сили за достоинствено да го заврши својот мандатФотографија: Petr Stojanovski

Опозицијата се обидува да профитира

„Според првите реакции на претседателот на државата, можно е да има дополнителни перипетии, но се надевам дека на крај сепак тоа ќе биде надминато“, оценува аналитичарот Ибрахим Мехмети. 
„Не можеме да исклучиме дека опозицијата и овој пат ќе се обиде политички да профитира, но со тоа ќе направи штета и за државата, и за својата партија. Ако ВМРО-ДПМНЕ преговараше една декада за овој ист проблем, треба да биде свесна дека некој требаше да го реши и да биде среќна што дојде до решение, а партијата својата идна политика да ја гради на нови позиции“, вели Мехмети. 
Во однос на презентираното решение, смета дека станува збор за многу значаен договор. 
„Ова е излегување од еден спор кој што ги кочеше сите процеси кои Македонија требаше да ја вклучат во друштво на поголем дел бивши комунистички земји кои уште пред две децении се зачленија во ЕУ и НАТО. Посебно ми се допадна што немаше изрази на триумфализам кај двете страни. Што се однесува до самиот договор, ме радува тоа што остануваат непроменети двете точки кои беа многу важни за македонската етничка заедница: името на етникумот и јазикот. Се надевам дека ова ќе биде доволно силен аргумент и за скептиците кон овој компромис, дека договорот е достоинствен, и дека сепак ќе го поддржат. Верувам дека овој договор покрај отворање на евроинтеграциските перспективи, позитивно ќе влијае и на внатрешен план“, вели Мехмети, додавајќи дека додека не се заврши процесот на ратификација ќе има уште доста работа во двете земји.

Времената спогодба и името

Mazedonien Namensstreit Zoran Zaev Alexis Tsipras
Премиерите Заев и Ципрас сметаат дека е постигнато фер решение за обете страни, опозицијата не се согласуваФотографија: Reuters/S. Nenov

Повици за протест

Вечерва на социјалните мрежи почнаа да се шират и индивидуални повици за протести од страна на лица познати како поддржувачи на претходната владејачка гарнитура на Никола Груевски. Спроти Собранието околу 23 часот се собра група од стотина луѓе кои со пароли, песни и говори се спротивставија на прифаќање на договорот со Атина.  
„Најважно е да останеме смирени, со ладни глави, сплотени како граѓани на оваа држава, и да го почекаме увидот во тој договор“, вели заменикот на Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојевски. 
„Конечното решение ќе го донесат граѓаните, без оглед кои ставови ги имаат политичките елити, и дали владата е задоволна или не од ова решение. Прерано е за коментари, бидејќи договорот се уште не е објавен, а вистината се крие во деталите“, вели тој. 
Незадоволство тлее и кај грчката опозиција. Лидерот на „Нова Демократија“ Кирјакос Мицотакис повторно го обвини грчкиот премиер дека водел тајна дипломатија и го повика да не го потпишува договорот.
„За суштината на договорот и врз основа на она што засега го знаеме и го слушнавме од господинот Ципрас, имам да го кажам само следното: прифаќање на македонски јазик и македонска националност се неприфатлива национална отстапка“, рече Мицотакис. 
Тој го повтори неговиот став дека „нема да ги делат Грците за да ги обединат Скопјаните“.
„Господинот Ципрас нема никаков политички легитимитет да ја обврзе земјата, потпишувајќи договор кој нема поддршка од самата негова влада. Ова досега се нема случено во грчката политика и во уставната историја, и претставува навреда на парламентарниот систем. Веднаш ќе го известам претседателот на државата“, изјави Мицотакис. 
Фактот дека опозициите во двете земји обвинуваат за отстапки, според аналитичари, укажува дека нема губитник, туку двајца добитници. 

Griechenland Kyriakos Mitsotakis
Кирјакос Мицотакис смета дека Ципрас нема легитимитет да го решава споротФотографија: imago/ZUMA Press