Жртви при напади во Авганистан
2 април 2014Состојбата пред претседателските избори во Авганистан в сабота и натаму е тензична. Во главниот град Кабул атентатор самобиец во воена униформа активираше екслозив пред Министерството за внатрешни работи. Најмалку шест полициајци се убиени. Радикално-исламистoчките талибанци ја преземаа одговорноста за крвопролевањето.
Во провинцијата Сар-и-Пулс исто така дојде до насилство. Таму милитантни талибанци киднапираа кандидат за изборите за Советот на провинцијата и девет негови приврзаници. Петтмина од нив се пронајдени мртви, соопштија властите. Изборите за Советите на провинциите се одржуваат паралелно со претседателските избори на 5. април.
Превентивно затворени ресторани и хотели
Според информации на „Њујорк тајмс“ владата превентивно затворила единаесет ресторани и хотели, кои се посетувани од странци. Американскиот весник се повикува на информации од владини кругови и соработници на хотелите. Властите со оваа реагираа на крвавите напади на талибанците врз луксузниот хотел „Серена“ пред две недели и врз ресторанот „Ла таверна“ на крајот на јануари. Во двата напади беа убиени вкупно 30 луѓе, повеќе од половината жртви беа странци.
Западните влади полагаат големи надежи во претседателските избори во Авганистан. Претседателот Хамид Карзаи по два мандата не смее повеќе да се кандидира. Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнамајер изрази надеж за нов политички почеток, доколку успее транспарентен и фер изборен процес. Штајнамајер на земјата ѝ вети натамошна поддршка: „Германија не му врти грб на Авганистан. Ние сме подготвени да ѝ помагаме на земјата и по завршувањето на мисијата на ИСАФ и повлекувањето на нашите борбени трупи на крајот ан 2014 година“, подвлече министерот.
„Жените се под закана“
Во Авганистан на ситуацијата се гледа со поголема скепса. И нов претседател нема да ја подобри ситуацијата со човековите права и нема да преземе поодлучни чекори против корупцијата и локалните старешини, претпоставува борецот за женски права и раководителка на организација за женски права Малалаи Јоџа. Таа се заложи за поголема поддршка за женската популација, укажувајќи дека пред сѐ во руралните региони жените и натаму биле под закана, прогонувани, тепани и јавно погубувани. И таа самата поради смртни закани од талибанците постојано морала да го менува местото на живеење и неможела да живее кај своето семејство.
За претседателската функција во Авганистан се кандидираа единаесет кандидати. За фаворити се сметаат долгогодишниот министер за надворешни работи и очен лекар Абдула Абдула, економистот од Светска банка и екс министер за финансии Ашраф Гани и поранешниот министер за надворешни работи Салмаи Расул.