Нервоза во Отава, протестот на камионџиите не стивнува
12 февруари 2022Веќе две недели возачите со своите камиони во конвој ја окупираат канадската престолнина Отава, во знак на протест против владината политика за вакцинација и антипандемиските мерки. Стотици камиони и автомобили се паркирани среде градот поради ниските температури. Таму кампуваат, го нарушуваат сообраќајот, предизвикуваат затворање на продавници и ги заплашуваат жителите.
Протестите под мотото „Конвој на слободата“ сега се проширија и надвор од Отава. Сообраќајот на важните гранични премини со САД е блокиран. Нарушено е движењето на стоката, а принудно е затворена и една фабрика на Форд.
Ова протестно движење стана важно место за собир на сите противници на антипандемиските мерки. Слични демонстрации веќе се одржаа во САД, Франција, Австралија и Нов Зеланд. Градоначалникот на Отава прогласи вонредна состојба во неделата (6 февруари), а полицијата ги нарече протестите „опсада“.
Како започнаа протестите?
„Конвојот на слободата“ настана кон крајот на јануари, по воведувањето задолжителна вакцинација за возачите на камиони кои ја минуваат американско-канадската граница. Околу 90 отсто од возачите на камиони се вакцинирани, но има и такви кои стравуваат дека ќе останат без работа, бидејќи одбиваат да бидат вакцинирани.
Сепак, протестот на овие возачи се претвори во многу поширока демонстрација на незадоволство од антипандемиските ограничувања. На протестите се приклучија и екстремни десничари, познати по исламофобични настапи и бел национализам. Неколку демонстранти дури носеа нацистички симболи и расистички знамиња.
Канадскиот премиер Џастин Трудо ги нарече демонстрантите „маргинално малцинство“. Иако 80 отсто од Канаѓаните се вакцинирани и повеќето ги поддржуваат владините мерки против пандемијата, таа поддршка опадна во последните недели. Стотици камиони и автомобили се приклучија на конвојот што пристигна во Отава на 28 јануари.
Трпението е при крај
Натали Лајл вели дека не се чувствува безбедно откако пристигнал конвојот. Таа живее во центарот на Отава и работи во болница. Се плаши да излезе од дома и се плаши од провокации „Се прашувам дали можеме да останеме надвор. Што може да се случи?”
Лајл вели дека повеќе не се чувствува безбедно ниту дома. Демонстрантите се собирале во близина на нејзината куќа и еден ден дознала дека некој се обидел да ја отвори бравата на вратата. Жителите од околината се жалат на често палење бакли, незаконско консумирање алкохол на улиците, блокади на раскрсници и мокрење во снегот.
Демонстрантите седум дена деноноќно ги вклучуваа моќните сирени на камионите, додека судот итно не го забрани тоа. Демонстрантите, наводно, упаднале и во прифатилиште за бездомници, барајќи од помошниот персонал да ги послужи.
Бизнисот трпи
Илјадници луѓе живеат во центарот на Отава, а има стотици компании. Според една анкета, 48 отсто од претприемачите ги затвориле продавниците за време на протестот, а 76 отсто од нив изјавиле дека претрпеле финансиски загуби.
Сјуарт Катрол поседува ресторан во центарот на градот. Тој вели дека морал да воведе безбедносни мерки за своите работници: „Многу демонстранти одбиваат да носат маски, викаат по работниците и другите гости барајќи и тие да ги симнат маските. Една од нашите работнички беше нападната на пат кон дома, бидејќи носеше маска, а нејзината другарка беше повредена“.
Кетрол вели дека ресторанот изгубил илјадници долари поради демонстрации: „Кога ќе ја земеме предвид критичната деловна ситуација како резултат на двегодишната пандемија, тогаш конвојот би можел да биде тој што ќе не принуди трајно да го затвориме ресторанот“.
Конвојот ги подели Канаѓаните
Иако според последните анкети, мнозинството Канаѓани се за воведување дополнителни ограничувања за невакцинираните сограѓани, „Конвојот на слободата“ има поддршка од речиси една третина од населението. Организацијата која ги иницираше протестите, „Канада Јунити“, го објави своето „писмо за намери“ во кое бара од генералниот гувернер, како и од сенаторите, да ги укинат сите ограничувања поради пандемијата во Канада или да однесат оставка.
Организацијата е основана од Џејмс Бадер, поддржувач на движењето КјуАнон (QAnon) и самопрогласен теоретичар на заговор. Тој е поврзан со десничарски формации, како екстремно десничарската Народна партија на Канада и нејзиниот кандидат Бенџамин Дихтер, кој е еден од организаторите на протестот. Еден од организаторите е и Пет Кинг, кој на социјалните мрежи може да се види како изговара антиисламски и расистички навреди, а коорганизаторката Тамара Лич е член на маргинална партија која бара отцепување на западните провинции.
Нема навестување за смирување на ситуацијата
Полицијата неделава повторно се закани дека ќе ги уапси демонстрантите кои го блокираа центарот на градот. Дополнително, побарано е и засилување на 1.800 полицајци од внатрешноста и на федералното ниво. На почетокот на неделата, полицијата објави дека уапсила 22 лица и изрече повеќе од 1.300 казни. Покрената е кривична истрага за 79 случаи.
Канадскиот премиер Џастин Трудо продолжува да ги оправдува мерките против пандемијата и остро го критикува протестното движење. Тој предупредува дека блокадата на граничните премини, вклучително и онаа меѓу Детроит и Виндзор во Онтарио, преку кој се одвива четвртина од вкупната трговска размена меѓу двете земји, го загрозува економското закрепнување на Канада.
„Блокадите и нелегалните демонстрации не се прифатливи и негативно влијаат на компаниите и производителите“, рече Трудо во Долниот дом на канадскиот парламент. „Мораме да направиме се што можеме за да ставиме крај на ова“.