1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жилиет Бинош воодушевена од македонските икони, храната, природата и ракијата

АМ/миа13 септември 2014

Француската актерка Жилиет Бинош, која синоќа пристигна во Битола на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, денеска ги посети античкиот локалитет Хераклеја Линкестис и Охрид.

https://p.dw.com/p/1DBoA
Фотографија: Barbara Sax/AFP/Getty Images

Оскаровката, која периодов снима четири филмови, одвои време да присуствува на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, кој се отвора вечерва. Како што информираа организаторите на фестивалот, на актерката исклучително и’ се допаднала природата во Македонија, како и античките и средновековните локалитети.

Во текот на денешната екскурзија во Охрид Бинош ги разгледала црквата „Св. Богородица Перивлепта“, Канео и Плаошник. Во галеријата на икони во музејскиот комплекс на црквата „Св. Богородица Перивлепта“, Жулиет Бинош, која и самата слика, останала еден час, задржувајќи се многу повеќе од предвиденото. Иконите во галеријата ги оценила како вистински ремек дела.

Вчера вечер, таа побарала да проба македонски специјалитети, кои многу и’ се допаднале, особено гравчето. Бинош пробала мезиња, пити и други македонски традиционални јадења, како и ракија, за која рекла дека ја освежила по долгото патување.

ПР тимот на Бинош не дозволува таа да се фотографира пред да дојде на црвениот килим. Јавниот разговор со неа е утре од 11 часот во малата сала на Центарот за култура во Битола.

Трисет и петото издание на „Браќа Манаки“ почнува вечер во 20 часот. Покрај Бинош, во Битола се уште двајца оскаровци, Лука Бигаци и Крис Менџис.