Животот ќе се враќа во нормала по пикот, вели Филипче
9 април 2020Граѓаните можат да очекуваат постепено олеснување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот откако ќе се достигна пикот на заразата, веројатно кон крајот на април, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Бројот на заразени од Ковид-19 во Северна Македонија денеска достигна 663 лица, откако во последните 24 часа се регистрирани 46 нови случаи. Најголемиот број- 13 се од Куманово, а во Скопје има 12 нови случаи. Досега од болеста починале 30 луѓе.
Филипче вели дека за околу една-петина од сите заразени со коронавирусот во земјата не може да се најде изворот и тоа го објаснува со фактот што многу од нив се асимптоматични. Тоа е и причината, тврди министерот, што се воведени и толку строги мерки за социјална дистанца и ограничување на движењето.
Велигденските и други верски празници во следните недели, граѓаните, сепак ќе мора да ги поминат во своите домови. Филипче најавува дека од следната недела ќе започнат подготовки за олабавување на полицискиот час и враќање на животот во нормала.
- повеќе: Германска студија: Последиците од карантинот можат да бидат потешки и од самата изолација
„Се подготвуваме и за периодот, тогаш кога ќе дојде согласно бројот на новодијагностицирани пациенти за кои, искрено се надевам, согласно предвидувањата некаде на крајот на април да го достигне врвот, постепено животот да се врати во нормала“, рече Филипче. Тоа сепак нема да се случи преку ноќ, туку ограничувањата ќе се укинуваат постепено, а притоа од Комисијата за заразни болести ќе им се даваат упатства на производствените капацитети и на рестораните како да се подготвуваат за рестартирање на работата.