1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Желев го сочува мирот во Бугарија

Александер Андреев/бг30 јануари 2015

Почина поранешниот бугарски претседател Жељу Желев. Беше извонреден политичар, кој играше клучна улога во мирната транзиција во Бугарија. Неговиот поранешен соработник Александер Андреев му упатува последен поздрав

https://p.dw.com/p/1ETUS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Желев беше пристоен и чесен човек чии политички одлуки секогаш беа засновани на морална основа. Токму тоа и доведе до крај на неговата политичка кариера.
Филозофот Жељу Желев беше еден од ретките бугарски дисиденти пред промените. Во 1964 година беше исклучен од Комунистичката партија затоа што во својата дисертација ги критикуваше теоретските постулати на Ленин. Во годините кои следуваа беше или без работа, или се снаоѓаше со повремена работа за да преживее. Меѓудругото работеше и како земјоделец. Во 1981 година ја објави монографијата „Фашизмот“ во која ги анализира механизмите на тоталитарното општество. Книгата набрзо станува хит меѓу критички мислечките интелектуалци кои во неа гледаат критика на политичкиот систем во Бугарија. Комунистичките власти ја забранија книгата и наредија да се отстрани.

Во турбулентните времиња од почетокот на 1988 до крајот на 1989 година, Желев се активира во опозициските структури во Бугарија. Тој е меѓу основачите на Клубот за поддршка на Гласноста и Перестројката во Бугарија, од кој подоцна се раѓа граѓанската политичка опозиција. По падот на диктаторот Тодор Живков на 10 ноември 1989 година, Желев игра клучна улога во формирањето на Унијата на демократски сили (СДС). Ова хетерогено политичко движење, кое подоцна ќе прерасне во демохристијанска партија, под негово раководство игра важна улога во мирниот преод кон демократијата. Кон крајот на 1989 и почетокот на 1990 година, состојбата е пред експлозија. Бугарските националисти се однесуваат многу агресивно кон турското малцинство и земјата е на чекор до граѓанска војна. Со неговиот мудар и умерен настап, особено на една тркалезна маса на почетокот на 1990 година, Желев успева да го спречи политичкиот хаос. Неговите внатрешно-партиски ривали, кои подоцна и ќе го урнат од власт, остро го критикуваат сметајќи дека Комунистите можат да се урнат од власт само преку борба и хаос. И навистина, екскомунистичката бугарска Социјалистичка партија победува на првите слободни парламентарни избори на 10 јуни 1990 година. СДС на Желев влегува како втора најголема партија во парламентот, но како резултат на постигнатиот компромис, Желев е избран за претседател на државата.

Bulgarischer Ex-Präsident Zhelju Zhelev
Жељу Желев и поранешниот германски претседател Роман Херцог.Фотографија: dpa

Клучна одлука за Македонија

Откако во 1991 година, СДС победува на парламентарните избори под раководство на наследникот на Желев, Филип Димитров, во Бугарија конечно е отворен патот кон демократија, пазарна економија и кон Европа. Оваа влада ги спроведе првите вистински реформи кои го отворија патот кон НАТО и ЕУ.

Во однос на надворешната политика Димитров и Желев донесоа една многу важна одлука која, поради историски причини, беше многу оспорувана во Бугарија: Бугарија беше првата земја која ја призна тукушто прогласената независност на Република Македонија. Тоа беше клучна промена на курсот за мирен соживот со екс-југословенскиот сосед, кон кој бројни Бугари имаа историски и територијални претензии.

Во 1992 година дојде до крах. Откако во кампањата за првите директни претседателски избори Желев ја критикува владата, исфрлен е од партијата. Благодарение на својата популарност успева да победи на изборите, но останува без политичка база, што ќе се покаже клучно на следните избори во 1997 година. Цврстото опстојување на принципите и искреноста се покажуваат како најголема пречка за подолга политичка кариера. Желев се обидува уште неколку пати, но безуспешно.

Жељу Желев беше вонреден политичар, кому денешна Бугарија треба многу да му благодари. Тоа беше подвлечено и на денешниот помен во бугарскиот парламент од претставниците на сите политички партии.