1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жестока критика на умилкувањата на Трамп кон Путин

ЖА /ДВ
17 јули 2018

Однесувањето на американскиот претседател Доналд Трамп на средбата со рускиот колега Владимир Путин во Хелсинки, во САД предизвика натпартиски револт.

https://p.dw.com/p/31a8R
Helsinki-Gipfel
Фотографија: picture alliance/dpa

Од редовите како на Републиканската, така и на Демократската партија, денеска „врнат“ критики на попустливоста на американскиот претседател Доналд Трамп кон Владимир Путин во однос на темата - дали Русија вршела влијание врз американските претседателски избори во 2016. година. На средбата со Путин вчера во Хелсинки, Трамп јасно даде на знаење дека не ги дели сознанијата на своите сопствени тајни служби околу руски сајбер-напади за време на претседателската изборна кампања во САД.

Влијателниот републикански сенатор Џон Меккејн, по изјавите на Трамп, оцени дека е „допрено дното во историјата на американското претседателство“. Никогаш досега еден американски претседател „не се понижил себеси на ваков начин пред еден тиранин“, рече Меккејн. Републиканскиот спикер на Претставничкиот дом, Пол Рајан побара од Трамп да го согледа фактот дека „Русија не е наш сојузник“.

USA Senator John McCain
Џон Меккејн го критикува Трамп за попустливост кон ПутинФотографија: picture alliance/dpa/M. Reynolds

Несогласување со ставовите на Доналд Трамп изрази и републиканскиот сенатор Марко Рубио:

„Тајните служби веројатно имаат собрано огромна количина докази не само за напорите на Русија за вмешување во претседателските избори во 2016. година, туку и за тековните напори за мешање во американското општество. А тоа не е ограничено ни на територијата на САД, туку се врши и во многу делови од светот“. Рубио истакнува дека стремежот кон подобрување на односите меѓу земји кои поседуваат 90 проценти од атомското оружје во светот не е лош, „но грешката е во тоа што Владимир Путин не е заинтересиран за подобри односи со САД, тој ја сфаќа геополитиката како борба меѓу послабиот и посилниот.“

повеќе: 

Трамп-Путин: самит за страв

Ќе го издаде ли Трамп Западот?

И други познати политичари од редовите на Републиканската партија се дистанцираа од Трамп. Републиканскиот конгресмен и поранешен соработник на ЦИА, Вил Хард на Твитер напиша: „Во мојата професионална кариера сум видел бројни луѓе манипулирани од руските тајни служби, но не ни помислував дека американски претседател ќе биде некој кого рутинираните агенти од КГБ ќе го влечат за нос.“

Chuck Schumer
Шумер: Трамп го стави зборот на КГБ пред зборот на ЦИА Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J. S. Applewhite

Шефот на опозиционите Демократи во Сенатот, Чак Шумер, настапот на Трамп во Хелсинки го нарече „непромислен, опасен и слаб“:

„Во целата историја на нашата земја Американците никогаш досега не доживеале еден претседател на САД да го поддржува својот противник на начин како што претседателот Трамп го поддржуваше претседателот Путин. Еден претседател на САД да се стави на иста страна со претседателот Путин против американските органи на кривично гонење, американските безбедносни и тајни служби, е непромислено, тоа е опасно и претставува слабост.“

Слично е и мислењето на демократскиот сенатор Марк Варнер:

„Мислам дека постапките на претседателот Трамп беа чудовишни. Претседателот на САД го дели мислењето на Владимир Путин, наспроти неподелените проценки на американските тајни служби и натпартиските заклучоци на Комисијата за разузнавање на Сенатот, наспротив признанијата на Фејсбук, Твитер, интернет-платформите, дека Русија ги манипулирала социјалните мрежи. Мислам дека во идните денови е време за сите нас да станеме и да кажеме на која страна сме.“

Опозициониот пратеник Џими Гомез го обвини Трамп дека „ја продава сопствената земја на Русија“. Пропуштањето да застане во одбрана на САД, според него е „на работ на велепредавство.“