ЕУ сериозно се зафаќа со заштита на климата
7 јуни 2022„Подготвени за 55“ - со ваквиот слоган ЕУ не мисли само на тоа да се биде здравствено во добра кондиција на одмината возраст, туку на пакет закони за заштита на климата кој треба да ги подготват европските општества за 55% помалку емисии на штетни гасови за климата до 2035 година.
„Подготвени за 55“ е важна етапа за целта на ЕУ до 2050 година да стане првиот климатски неутрален кинтинент, за да се спречи глобалното загревање на климата. ЕК подготви 13 обемни предлог законски пакети, за кои земјите членки дебатираат во Советот и во Европскиот парламент.
Денеска (7.06) и во четврток пратениците од Парламентот гласаат за нацртите и со тоа ќе ги постават и насоките за процесот на носење на законите. Потоа започнуваат преговорите со Советот, односно меѓу претставниците на 27-те земји членки и на ЕК во постапка која се нарекува „тријалог”.
Додека завршат преговорите околу новите закони и членките да може да ги преточат во своето национално законодавство, би можеле да поминат уште 2 до 3 години.
Нови климатски давачки на границите
Новитет во „Подготвени за 55“-законските пакети е воведувањето на „граничен систем за балансирање на јаглеродниот диоксид“ кој треба да важи почнувајќи од 2026 година.
За продукти кои се произведени надвор од ЕУ со испуштање стакленички гасови, при увозот ќе има дополнителни давачки. Тоа според министерот за финансии на Австрија, Магнус Брунер, треба да помогне при неутрализирање на конкурентската предност со оглед на тоа дека компаниите кои работат во рамки на ЕУ веќе се обврзани да плаќаат за потрошувачката на јаглерод диоксид преку купување на т.н. „права за емисии на стакленички гасови”.
Според Брунер, со таквиот систем за балансирање, кој е прв во светот, ЕУ ќе се погрижи европските фирми да не бидат во полоша положба од конкурентски аспект. „Не се работи за протекционизам”, вели Паскал Канфин. Либералниот Французин е претседател на Комисијата за заштита на околината при Европскиот парламент.
Мохамед Шахим, пратеник од редовите на холандските Социјалдемократи во Европскиот парламент, е сигурен дека и држави надвор од ЕУ на оваа мерка ќе реагираат со сопствени системи за балансирање на стакленичките гасови. Тој смета дека ваквите мерки веројатно ќе може да се усогласат со САД, Канада и Австралија.
Пратеникот Петер Лизе од Демохристијаните предупредува дека механизмот мора мудро да се користи, бидејќи поентата не е да се протераат одредени индустрии од Европа, туку да не се испушта јаглерод диоксид. Системот за балансирање треба прво да важи за секторите за производство на цемент, челик, железо, алуминиум, средства за потхранување на почвата и струја.
Крај на ерата на согорувањето
Меѓу Парламентот и земјите членки се спорни пред сѐ целите во однос на автомобилскиот сообраќај. На маса е предлогот за сторпоцентно намалување на стакленичките гасови до 2035 година. За некои земји тоа е преамбициозна цифра. Тие би сакале таа цел да се постигне до 2040 година, или пак да се стреми кон намалување на 90% од емисиите на гасови.
Имено, таквата цел фактички може да се поистовети со забрана на регистрација на нови возила кои работат со мотори на согорување. Така во 2050 година сите стари возила кои работат на бензин или дизел ќе треба да исчезнат од ЕУ. Бродови и авиони во иднина ќе треба да користат зелена енергија.
Европската комисија предлага на пример нови параметри при трговијата со квоти за емисии на гасови, каде испуштањето јаглерод диоксид треба да биде ограничено на 61% до 2030 година. Уделот на обновливите извори како енергија од ветерници, соларна или хидроенергија во 2030 треба да биде 40%.
Покрај тоа, треба да се намали и површината на земја која се користи за разни намени. Шумските површини кои апсорбираат јаглерод диоксид, треба да се зголемат. ЕУ планира и социјален фонд за корисници и компании кои со новите климатски политики економски ќе бидат ставени во многу незавидна положба и кои, на пример, нема да може да си дозволат систем за греење кој ги задоволува новите климатски стандарди, или пак санација на нивните домови во овој контекст.
Војната во Украина се одразува на климатската дебата
За да се биде „подготвен“ за 55% ЕУ мора, општо земено, да троши значително помалку фосилни горива, смета германскиот демохристијан Петер Лизе. Со оглед на руската војна во Украина, дебатата за откажување од јаглен, нафта и гас дополнително зема замав.
- повеќе: Здрава планета – само без користење јаглен, нафта и гас
Некои парламентарци бараат да се забрза напуштањето на фосилните извори за да се постигне независност. Други предупредуваат да не се префорсираат општеството и економијата и да се земе предвид подолго користење на фосилните извори, но од други лиферанти, како Блискиот Исток или САД.
- повеќе: Индекс за заштита на климата: Толку е лошо, што првите три места се празни
Експертот за енергетика на бриселскиот тинк-тенк European Policy Centre, Аника Хедберг, е убедена дека и покрај краткорочните проблеми сега се бараат одлуки кои ќе имаат долгорочни ефекти. „Зависиме многу од тоа пораката да наиде на слух насекаде во ЕУ. Во многу погледи војната не треба да ни биде кочница, туку дополнително да ја забрза борбата против климатските промени.”
Напуштањето на фосилните извори на енергија ќе мора недоброволно да се одвива многу побрзо, вели Хедберг во разговор со ДВ. „И натаму премногу се зборува за задржување на статусот кво и за нови лиферанти на фосилна енергија. Де факто би требало да видиме како може да инвестираме во штедење енергија, подобра енергетска ефикасност и домашни извори на енергија.”