ЕУ-самит со куп проблеми
10 декември 2020Германското претседателство од јули до декември не помина како што беше планирано и во делот на буџетот за ЕУ и фондот за корона веројатно ќе донесе „избоксувано” решение. Тоа канцеларката Меркел го кажа ден пред денешниов самит во Брисел.
„Многу нешта не можеа да се спроведат и штета што е така”, изјави Меркел во средата во Бундестагот.
Последниот ЕУ-самит годинава требаше да биде блескава завршница на второто претседателствување на Меркел во нејзината политичка кариера која се движи кон крајот. Но, корона-пандемијата, Британците, Унгарија, Полска и турската влада и' ги поматија сметките. Нерешени проблеми, кои 27-те шефови на држави и влади требаше да ги решат на физичка средба, се насобраа во пресрет на последниот термин.
Правна држава и буџет
Унгарија и Полска, чии правни држави, според проценките на ЕК и на ЕУ-парламентот, се сериозно загрозени, и натаму „се коцкаат”.
За да спречат за нив непријатна проверка на правната држава пред исплата на буџетски средства, со вето го блокираа севкупниот буџет за следните седум години со волумен од 1,1 милијарди евра.
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, тврди дека се работи за одбрана на независноста на Унгарија, бидејќи ЕУ се поставувала како порано Советскиот сојуз во поткопување на државите.
Освен Полска, другите 25 земји членки не можеа да го прифатат таквото објаснување и опстојуваа на механизмот за правна држава. Тој беше договорен за време навчетиридневен самит уште на почетокот на јули годинава.
Особено жално од гледна точка на канцеларката е тоа што Унгарија и Полска го блокираат фондот за помош за корона во висина од 750 милијарди евра, кој е итно потребен за да ја поттикне економијата во ЕУ по пандемијата.
На крај, германскиот амбасадор во ЕУ, Михаел Клаус, со колегите од Унгарија и Полска изработи дополнителна декларација за механизмот за правна држава која се осврнува на задршките на двете држави. Декларацијата предвидува дополнителни чекори и учество на Европскиот суд за да може и де факто да се преземат мерки против земја членка.
Предлогот беше контролиран во ноќта во пресрет на самитот и денеска треба да биде потврден. Буџетот тогаш би можел како што беше првично планирано да стапи на сила на први јануари. Поранешниот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, во Брисел се покажа радосен што „уцените” од Унгарија и Полска на крај не биле успешни.
Либералниот европратеник Мориц Кернер дополнителната декларација ја нарече „половична”. Со тоа механизмот е поместен, но не и одложен. Тоа Европскиот парламент немало да го дозволи. Битно било дека всушност механизмот за контрола на правната држава нема да биде променет.
Турција
И во конфликтот заради тензичните односи меѓу ЕУ и Турција нема решение во најава.
„Турскиот претседател Ердоган не е подготвен за дијалог”, оцени државниот министер за Европа во германското МНР, Михаел Рот.
Канцеларката Меркел е разочарана што турскиот властодржец во изминатите три месеци не бил подготвен да разговара со ЕУ-членките Грција и Кипар за спорните наоѓалишта на природен гас во источниот дел од Средоземно море. Напротив, Ердоган дури до непосредно пред самитот имаше стационирано брод во спорните води. Германското претседателство предлага да се воведат санкции спрема неколку турски државјани и компании кои учествуваат во добивањето гас. Но, таа многу ограничена казнена мерка тешко дека ќе ги задоволи Грција и Кипар. Турскиот претседател веќе изјави дека не се плаши од такви санкции на ЕУ. Неколку членки, како Австрија, може да си замислат и прекин на претпристапните преговори со Турција. И покрај тензиите од изминатите години, Турција и натаму сака да стане членка на ЕУ.
Повеќе:
Проширувањето на ЕУ во ќорсокак
Европски клуб на (богати) егоисти
Колку би чинел Брегзит без договор?
Климатски цели
На преговарачката маса има предлог, климатските цели на ЕУ за 2030 година да се зголемат на 55%. Тоа значи, споредено со референтната 1990 година, емисијата на штетен јаглерод диоксид треба да се намали за 55 проценти, а до 2050 година ЕУ треба да биде целосно климатски неутрална.
Полска, која е особено зависна од производство на електрична енергија од јаглен, е доста скептична. Нејасно е дали полскиот премиер на средбата во Брисел ќе стави вето на ова. Од дипломатски кругови во ЕУ се дознава дека дел од земјите членки сакаат поголемо појаснување што би значеле овие климатски цели во однос на економијата. Со други зборови, во краен случај сакаат да им се осигураат субвенции од ЕУ за реструктурирање на нивниот енергетски сектор.
Според Парискиот климатски договор, ЕУ требаше да ги објави своите климатски цели до февруари 2020 година. Организациите за животна средина веќе критикуваат дека поставената цел од 55% нема да биде доволна за да се забави глобалното затоплување онака како што е посакувано.
Брегзит
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен само ќе ги информира шефовите на држави и влади на ЕУ за статусот на преговорите за трговскиот договор со Обединетото Кралство.
„Дебата не е планирана“, пишува во поканата за самитот претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел. „Остануваме на нашиот преговарачки мандат.“
Миграција, иднината на ЕУ, САД...
Во изминатите шест месеци ЕУ не постигна никаков напредок околу прашањето за регулирање на миграцијата. Додуша, Европската комисија предложи промени на правилата при постапките за азил и распределбата на бегалци, но и покрај инсистирањето на германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, земјите членки досега не разговараа за ова прашање.
И во овој случај најголеми кочничари се Полска и Унгарија заедно со останатите источноевропски држави. Помпезно најавуваната „Конференција за иднината на Европа“, на која требаше да се размислува за реформи на ЕУ, воопшто не започна. Поради пандемијата немаше можност за средби во живо, а политичарите повеќе се занимаваа со кризен менаџмент дома отколку со иднината на ЕУ. Нема напредок ниту за Стратегијата за Африка, ниту пак за единствена политика кон Кина.
Учесниците на самитот барем ќе се согласат околу темата САД. Сите се залагаат за нов почеток во односите со најважниот сојузник, по изборниот пораз на непресметливиот се' уште актуелен претседател Доналд Трамп. Со идниот претседател Џо Бајден се очекува рестарт на трговското и безбедносно партнерство. Сепак прашање е колку стратешки автономно може да се постави Европа.
Францускиот претседател Емануел Макрон се стреми кон голема независност на една „суверена Европа“, додека Германија, Полска и останатите земји членки не се толку отворени за таква промена. Сметаат дека без САД, како што вели германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер, не би можело да се гарантира безбедност на ЕУ во однос на Русија.