ЕУ: Продолжување на санкциите против Русија
21 јуни 2016Членките на ЕУ постигнаа „начелен политички договор“ за продолжување на санкциите кон Русија до јануари 2017 година, им рекоа на новинарите европски дипломатски извори во Брисел, по состанокот на амбасадорите постојани претставници од земјите-членки на ЕУ.
Франција, Италија, Германија, Австрија и уште неколку членки, меѓутоа, бараат да се разгледа дали има напредок во примена на мировниот договор за Украина за да би се видело дали санкциите можеби би можеле да бидат ублажени.
Санкциите би морале да ги потврдат и шефовите на држави или влади на ЕУ на самитот на 28.-29. јуни. Претставниците во Брисел рекоа дека сите членки на ЕУ се за тоа на крајот на годината да се преиспитаат санкциите кон Русија.
Шефот на француската дипломатија Жан-Марк Еро вчера на министерското заседавање во Луксембург соопшти оти услови за укинување на санкциите сѐ уште нема, бидејќи се очекува и Москва и бунтовниците на истокот на Украина, како и украинските власти „да го завршат својот дел од задачата“ во спроведувањето на мировниот договор од Минск плус.
Исто како и германскиот, австрискиот, италијанскиот и словенечкиот министер за надворешни работи тој, меѓутоа, посочи дека лидерите на ЕУ на самитот од 28.-29. јуни „не треба да се ограничат на автоматско продолжување на санкциите, туку да имаат темелна расправа за вистинската состојба на работите“, кога се во прашање резултатите од санкциите и ситуацијата во Украина.
Францускиот сенат побара санкциите постепено да се укинат, а францускиот претседател Франсоа Оланд уште денеска ќе разговара со украинскиот претседател Петро Порошенко, кој побара да се продолжат санкциите за Русија, за настојувањата да се спроведе договорот од Минск за решавање на украинската криза.
Повеќе министри и претставници на држави од ЕУ изјавија дека санкциите не се сами по себе цел и оти мора да се види како понатаму да се решава украинската криза и дека особено многу се важни економските и политичките односи со Русија, со оценка дека санкциите не го дадоа вистинскиот резултат.
Тоа вчера на министерското заседавање го изјави и шефот на словенечката дипломатија Карл Ерјавец, кој додаде дека тоа им го пренел и на руските претставници во текот на неодамнешната посета на Москва.
Според европски дипломатски извори, Берлин и Виена сметаат дека ако се утврди оти Москва и бунтовниците во Донбас во дел го спровеле договорот од Минск, тогаш ЕУ треба во дел да ги укине економските санкции кон Русија.
Германскиот министер Франк-Валтер Штајнмајер вчера изјави дека за можно делумно укинување на санкциите може да се разговара „бидејќи знаци за охрабрување за двете страни би биле корисни“, но британскиот министер Филип Хамонд решително го отфрли ублажувањето на санкциите, подвлекувајќи дека тоа може да уследи „само ако Русија го исполни она што го вети во примената на договорот од Минск“.