1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ останува непопустлива кон Белорусија

Барбара Везел
24 ноември 2021

ЕК планира казни за авиокомпанијата Белавиа и превозниците кои носат мигранти и бегалци во Белорусија. И Европарламентот дебатираше за ситуацијата, во која европратениците гледаат „напад“ против ЕУ.

https://p.dw.com/p/43OkW
Plenarsitzung des Europäischen Parlaments in Straßburg
Фотографија: Christian Hartmann/AP/picture alliance

Дебатата во Европскиот парламент и истовремената седница на Европската комисија во Стразбур беа целосно во знак на одбрана од тн. „хибриден напад“ на европските граници од страна на Белорусија. Претседателката на ЕК Урслула фон дер Лајен вака ја објасни ситуацијата на границата: „Не станува збор за бегалска криза, туку за обид на авторитарен режим да ги дестабилизира своите соседи“. И мнозинството останати говорници се концентрираа на политичкиот судир со белорускиот властродржец Александар Лукашенко, а помалку на  хуманитарната криза  и состојбата на луѓето во граничната област.

Повеќе казнени мерки, но мала хуманитарна помош

ЕК планира прво да ги стави на црна листа туристичките фирми и превозници кои помагаат при трговијата со луѓе со мигрантите.  Тоа може да значи на пример забрана за влез или прелет, па дури и забрана за работа во ЕУ. Санкции треба да има и против белоруската авиокомпанија Белавиа, на која треба да ѝ биде ускратен лизинг на авиони во Ирска, со што нема да може да органиизра натамошни летови.

Санкциите би требало да бидат координирани и со САД, Канада и Велика Британија, изјави фон дер Лајен. Интензивно ќе се преговара и со земјите на потекло заради спречување на  патувањата на бегалците.

Вицепретседателот на ЕК, Маргаритис Шинас веќе разговарал со владите во Ирак, Обединетите Арапски Емирати и  Турција,  по што се стопирани летовите кон Минск за мигранти, а денеска патува на вакви разговори во Узбекистан. 

Шинас во Европарламентот изјави дека е горд на постигнатото, ЕУ покажува способност за делување и одлучност: „На луѓето им се продава лага, тие плаќаат билет за екстремно студена шума“. Шинас изјави дека во граничната област меѓу Полска и Белорусија има околу 15.000 луѓе. Хуманитарни организации на  ОН сега имаат пристап кон логор на белоруската страна, во кој е сместен мал дел од  бегалците.  Ниту Полска, ни пак Белорусија досега им дозволуваа на хуманитарците пристап во блокираната меѓугранична област. Урсула фон дер Лајен избегна изнесување детали, истакнувајќи само дека ЕУ во меѓувреме ставила на располагање 900.000 евра како итна помош на хуманитарните организации.

„Овие луѓе се во стапица, ним им треба помош“, призна таа, но без да објасни зошто ЕУ-членката Полска досега смее да одбива помагање на мигрантите. 

ЕУ се движи по опасен раб, оценувајќи ја ситуацијата за чисто политичка криза, концентрирајќи се само на одбрана од „нападот“ против своите надворешни граници. Фон дер Лајен призна дека членките треба да ги исполнуваат своите меѓународни обврски и да ги доведат во склад со мерките за обезбедување на границите: „Тие мора илегално дојдените луѓе да ги третираат согласно со фундаменталните права.“

Меѓутоа, полската гранична полиција со недели пријавува дневен број на извршени „пушбекови“, односно враќање на влезените преку границата, околу 30 секоја ноќ. Тоа е спротивно на одредбите на Женевската конвенција за бегалци, но полскиот парламент праксата ја прогласи за исправна. Само мал број бегалци кои се пробиле на полска територија, добиле воопшто шанса да побараат  азил или привремена помош. 

Belarus Grenze Polen | Migranten campen im Wald
Околу 15.000 луѓе се заглавени во граничната област меѓу Белорусија и ПолскаФотографија: Leonid Shcheglov/Belta/AFP/REUTERS

Поголема солидарност и безбедност на границите

„Ги поддржуваме нашите земји-членки на фронтовската линија на Исток и Југ“, истакна фон дер Лајен, во буџетот на ЕУ се предвидени 6,4 милијарди евра за граничен менаџмент, за финансирање на опрема или за обезбедување на граничните премини. Средствата за поддршка на Балтичките земји и на Полска ќе бидат трикратно зголемени.

Претседателката на ЕК во акцијата на белоруската страна гледа обид за разгорување на трајната криза на надворешните граници на ЕУ: „Режимот (во Белорусија) врши насилно угнетување на сопствените граѓани. Неговите акции се реална опасност за ЕУ, ја ставаат на проба нашата решителност и единство“, рече фон дер Лајен, но Европа е одлучна да се брани со сите средства.

Дали ветените пари за Полска, наспроти досегашната политика на ЕУ, ќе бидат употребени за изградба на ѕид кон Белорусија? Станува збор за „робустен систем“, изјави вицепретседателот на ЕК, Шинас, но под тоа не треба да се разбере ѕид, во прашање се возила, технологии и командни структури. ЕК вака се обидува да ги ублажи изјавите на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој минатата недела при посета на Варшава рече – може да се разговара за изградба на ѕид со средства од ЕУ. 

Меѓу обезбедување на границата и помош за бегалците

Во дебатата во Европскиот парламент тврдата линија на ЕК наиде на голема поддршка. Претседателот на Европската народна партија, ѝ честиташе на ЕК за запирањето на бранот бегалци. „Со Белорусија не можеме да правиме никаков дил, не поддржуваме хуманитарен коридор, во граничното прашање остануваме на цврст став“, изјави Манфред Вебер, кој во луѓето во граничната област гледа жртви, на кои треба да им помогнат организациите на ОН.

Претседателката на другата голема групација во ЕП, Социјалдемократите, истакна дека е важно да се запре патувањето на мигрантите до границата, но треба да се врши  поголем притисок врз Русија,  која стои зад целата акција. Но, Иратксе Гарсиа Перез ја критикуваше и полската влада: „Премиерот Моравјецки бара солидарност, а ги прекршува нашите основни вредности“. Шпанската социјалистка постави прашање и дали ЕУ навистина сака да се претвори во „бедем Европа“. Но, со оглед на претходно изнесените мислења во дебатата, се чини дека и кај ЕК и кај земјите членки веќе патот е трасиран.

Само Зелените и Левицата се концентрираа на хуманитарната страна на ситуацијата. „Сѐ додека во луѓето гледаме најголема закана, му ја олеснуваме работата на Лукашенко. Тие не се оружје, туку луѓе во неволја“, изјави Ска Келер од Зелените. А пратеникот од Левица Мартин Ширдеван додаде – дебатата е доминирана од политичката десница: „Тие зборуваат за закана, ние зборуваме за луѓе кои умираат на границата. Дискусијата ја негира хуманитарната страна“, рече тој. Според него, најголемо потфрлување на ЕУ е што не постигна единствен став околу хумана бегалска политика.