Европа и САД бараат повлекување на аболицијата
18 мај 2016Во заедничката изјава на Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан, се вели дека „одлуката на Уставниот суд го отвора патот за Парламентот повторно да се состане и да ги откаже изборите закажани за 5 јуни, за кои не беа исполнети условите“.
Според нив, „само зрел дијалог, отвореност и посветеност на демократските принципи и на потребните реформи и нивното спроведување ќе ја врати земјата назад на евро-атлантскиот пат“.
Во изјавата натаму се вели:
„Сите партии мора да го зачуваат и да го почитуваат договорот од Пржино кој го потпишаа минатата година. Оваа рамка и натаму е најдобриот начин за да се извлече земјата од сегашната криза. Треба да се продолжи со работа околу подготовка на кредибилни избори, како и работа на итните реформски приоритети, преку инклузивен процес.“
Партиите, според Могерини и Хан, мора „итно да ја адресираат сериозната загриженост за помилувањето функционери од претседателот Иванов“. Помилувањата од 12 април треба да се поништат без одлагање, да се зачува принципот на одговорности да се избегне селективна правда, бараат двајцата високи претставници на ЕУ.
Во иста насока, се вели во изјавата, „партиите мора да гарантираат целосна поддршка на Специјалното обвинителство и да обезбедат непречено функционирање. СЈО и неговата работа се централни делови на Договорот од Пржино.“
Сите страни, порачуваат Могерини и Хан, треба да избегнуваат „чекори кои можат да ги поткопаат долгогодишните напори и во земјата и од меѓународната заедница за зајакнување на владеење на правото“.
„Ги повикуваме сите страни да најдат заеднички договор кој ќе им служи на сите граѓани. Пристапи кои нема да го почитуваат овој принцип се нешто што ЕУ не може да го поддржи и да застане позади нив. Ангажираната опозиција и граѓанското општество играат важна улога во обликувањето и обезбедување на посветеност на владата за потребните реформи“, стои во заедничкото соопштение на Могерини и Хан.
Со оценка се јави и амбасадата на САД во Македонија
По одлуката на Уставниот суд денеска со ист тон се огласи и амбасадата на САД во Македонија. Во нејзиното соопштение се вели дека „одлуката на Уставниот суд отвара пат за свикување на Собранието за да се откажат изборите на 5 јуни. Ова пак, претставува обновена можност за Собранието и за политичките лидери, да покажат на дело дека се силно посветени на Пржинскиот договор и неговите начела -- владеење на правото, одговорност, инклузивност и кредибилни избори. Оваа рамка и понатаму претставува најдобар начин за земјата да излезе од сегашната криза.“
Според амбасадата на САД, „поништувањето на помилувањата од 12 април треба да се направи итно и на начин на кој ќе се зачува начелото на одговорност, ќе се избегне селективна примена на правдата и ќе се неутрализира сериозната загриженост во врска со неказнивоста. Основно демократско начело е дека сите граѓани треба да бидат еднакви пред законот. Политичките партии треба недвосмислено да го поддржат Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Непреченото работење на СЈО е клучно за да се утврди одговорноста за можни злоупотреби поврзани со прислушувањата и за надминување на сегашната криза. Претстојат тешки реформи. Процесот на реформи мора да биде инклузивен и да ги вклучи перспективите на опозициските партии и граѓанското општество. Ваквата инклузивност е клучна за воведување и воспоставување на системот на проверки и рамнотежа, систем што е одлучувачки во демократијата. Соединетите Држави нема да поддржат пристапи што не ги почитуваат овие принципи. Ветувања за реформи или искази за намера нема да ја вратат земјата на евро-атлантскиот пат. Делата ќе го сторат тоа“, оценува амбасадата на САД во Скопје.