1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и С. Македонија: Уште една крастава жаба

11 мај 2021

Ако не почнат преговорите со ЕУ во најблиска иднина ќе мора да се прифати реалноста дека сме измамени и понижени како ниту еден кандидат за членство во ЕУ. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/3tD6w
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Стивна пандемијата, тргнаа засилено премиерот Зоран Заев и клучните министри за евроинтеграции по западноевропските престолнини да бараат правда, исполнување на ветувањата, да нудат аргументи дека сме направиле се што е барано за конечно да почнат преговорите со ЕУ за полноправно членство во Европската унија. Овојпат нашите политичари без заобиколување и снисходливост многу отворено им кажаа на бриселските функционери: ни паднаа рамењата од потчукнување, аман доста не фалевте и браневте, дајте конечно да ја исправиме големата и срамна неправда за која и самите признавате и зборувате, што и е нанесена на С. Македонија. Се уште големо прашање е дали Европа навистина сака и има сила да ја отстрани не само непрaвдата, туку и да се спротивстави на обидите од сопствена членка за поништување на основачките европски вредности и на почитување на посебностите и универзалните права? Во С. Македонија веќе не и се верува на Европа како порано. Ако не почнат преговорите со ЕУ во најблиска иднина ќе мора да се прифати реалноста дека сме измамени и понижени како ниту еден кандидат досега за членство во ЕУ. 

Ова е горчливо признание за тоа како жедни не пренесуваат преку вода  со постојано, повеќегодишно одложување на преговорите јавно признато и осудено само со зборови од голем број европски политичари и високи функционери. 

Сака ли Европа да ја отстрани неправдата

Бриселските искусни бирократи знаат одлично како да ги извлечат своите шефови од вакви непријатни ситуации, со нови атрактивни понуди и ветувања кои имаат еден ист заеднички именител со години: да, да, да... исполнети се сите предуслови за почеток на преговорите само останува да голтнете уште една крастава жаба. Ние во тоа ќе ви помогнеме со еден силен аплауз. И готово. Потоа наредните десетина, петнаесет  години, ако воопшто почнат преговорите, ќе подголтнете уште стотина жешки кнедли и пред крајот на половината на 21 век, негде околу 2040 година откако ќе поарчите и пуштите низ вода неколку генерации граѓани ќе бидете 38 земја членка на Соединетите Европски Држави. 

-претходни колумни: Додека го носиме светот во џебот

Во секој случај С. Македонија треба да ја почне последната најтешка етапа и да влезе во ЕУ, што е подобра перспектива отколку и овој дел на С. Македонија да стане членка на ЕУ, парче по парче во состав на неколку хегемонистички западнобалкански држави со нови граници. Во тој случај ќе бидат граѓани на ЕУ и Македонците од Албанија и од Србија, како што се сега Македонците од Бугарија и од Грција. Се разбира, овој мој сарказам и цинизам е на сметка на европскиот егоизам и бесчусвителност, секогаш присутен во одбрана на своите интереси, дури и кога не се засегнати, како што е бесмислената закана за европската иднина на С. Македонија. Можеби оваа пародична иронија нема врска со реалноста, ама по се ова што ни се случува и по сите овие неправди не може да не носи чувството на разочарување и кај најголемите поддржувачи на евроатланските интеграции. 

Во изминатите 16 години како кандидати за членство во ЕУ, Македонија со помалку од два милиони жители можеше да биде примена без никакви проблеми за ЕУ, со параметри и показатели кои се помалку од статистичка грешка во европските статистички податоци. 

Навистина голема улога играат статутарните ограничувања и правото на вето на секоја членка при прием на нови држави, но исто така, голема вистина е дека кога нешто сакаат старите европски држави, особено Германија и Франција, тогаш исчезнуваат сите пречки. Приемот на Бугарија и Романија, наврат- нанос, најдобро го илустрира тоа со јавно телевизиско сведоштво на поранешниот претседател на Франција Жискар Дестен и легендарниот германски канцелар Хелмут Шмит кога рекоа во емисија на француската национална телевизија дека тоа била нивна голема избрзана грешка. 

Ќе ги надминеме ли нашите несовладливи препреки

Но, да не се залажуваме само со егоизмот и пречките на Европа, има некои несовладливи барикади и кај нас. Денешните реакции на опозицијата се добри и претставуваат голем исчекор за силна поддршка и подготвеност да не се прават пречки во бесмислени расправи и блокади во парламентот. Христијан Мицкоски јасно се изјасни со изјавата дека со последните настапи на премиерот Заев за идентитетските прашања го отвраат патот за силен консензус преговорите со ЕУ веднаш да почнат. Замислете ако и натаму по ова прашање имаше тврди ставови. Во Брисел на премиерот Заев можеа слободно да му кажат ајде одредете го вие самите датумот за почеток на преговорите со ЕУ. Само со еден услов: да има одлука со двотретинско мнозинство во Собранието и преговорите можат веднаш да почнат. 

-претходни колумни: Кој црта нови граници во Македонија

Е, тоа ќе беше тежок дебакл кој ќе докажеше дека не сме ги завршиле ни најосновните работи внатре во земјата. Во тој случај не се потребни ни грчки, ни бугарски блокади и црвени линии и декларации во споредба со тоа какви препреки можеме ние  самите да си ставиме, какви што никој не може да прерипне. За неколку часа ќе уследеа 15 до 20, ако треба и 50 илјади амндмани. Морската парламентарна примитивна кавга, што кај нас се вика дискусија, за најновото предавство на националните интереси и на македонскиот идентитет, јазик и историја  може да потрае до следните избори кај нас, па во Бугарија, па во Германија, па во Франција, во Америка... и така во недоглед. 

По вчерашните најави на опозицијата и на власта, преговорите со ЕУ може да почнат без поголеми пречки со општ домашен меѓупартиски консензус, што ако е искрено е добар сигнал бидејќи веќе има приличен број јавни личности, што партиски дрвени адвокати, што големи познавачи на геостратегиските интереси, кои секој свој јавен настап за било што да зборуваат и пишуваат го почнуваат и завршуваат како римскиот цензор Маркус Като „...меѓутоа сметам дека Картагена треба да се разурне... само што тука зборот Картагена е заменет со зборовите Америка и Западна Европа, нашите најголеми непријатели кои заедно со домашните предавници работат на тоа  да ја покорат и да владеат со Македонија како многу значаен фактор во светската геостратегиска раскрсница меѓу виа Игнација и виа стагнација. Исто толку значајна колку една обиколница на скопските улици. Тоа е резултатот од провинциското и популистичко затрчување во маглата на светската геополитика. 

Стремежот кон ЕУ не е догма

Во една ваква какафонија од меѓународни завери и домашни предавства и европски неверства, може ли да се одреди датумот кога Македонија ќе стане членка на ЕУ. Се разбира, тоа може многу прецизно да се предвиди со точен датум, дури и час. Тоа е денот, точно на пладне кога на тие генерации кои ќе го доживеат тој историски датум ќе им биде сеедно што сме станале членка на ЕУ, како што сега ни е сеедно што сме членка на НАТО. Ќе им биде како нешто сосема нормално, оти тоа нема да се случи како некоја незаслужена награда додека не се завршат сите потребни работи што треба да ги има една европска држава. 

-претходни колумни: Лошо алиби на кукавиците

Кога сето тоа ќе биде остварено што го бараат граѓаните на Македонија, една убаво стокмена пристојна држава, формалното членството во ЕУ и не е толку важно иако е еден од најзначајните  приоритети за побрзиот општествен и економски  развој на Македонија. Стремежот кон Европа не смее да се претвори во догма, особено ако Брисел отстапува од духот и вредностите на Унијата како што е во случајот со Македонија јавно осудувајќи го бугарското вето, а молкум прифајќајќи го. Тоа е неопходно за и Европа да сфати конечно дека целиот таканаречен западен Балкан не е некој пуст остров во Пацификот каде живеат само мајмуни, туку е длабоко внатре во територијата на Унијата од сите страни обиколено со држави, нејзини членки.   

Во меѓувреме, за да се направи пристојна држава треба прво таа да се сочува, а потоа машки заеднички да се одработи тоа што ги прави државите самоодржливи, демократски и стабилни, посакувани партнери и комшии. За вистински почеток неопходен е прво договорот меѓу политичките, деловните и интелектуалните елити на Македонија. Тој договор што сакаме и каде треба да одиме и по која цена, никогаш не е склучен така цврсто за да биде важечки и обврзувачки по прогласувањето на независноста на државата пред 30 години. Повеќепартиската парламентарна демократија во Македонија не напредува, таа е се уште скапа карикатурална партиска пропагандна штала, ухлебие, бизнис центар и товилиште на пратениците со ефтина храна, трипати под реалната цена која ја плаќаат граѓаните. Парламентот два пати беше јавна арена на срамно насиле и крвав обид за државен удар што е неспоиво со она што треба да претставува највисокиот законодавен дом. 

Иднината на Македонија во годината на пандемијата стана многу поматна и понеизвесна, особено деновиве кога се појавија повеќе нонпејпери за нови граници на Балканот и откако еврокомесарот за проширување на Унијата Оливер Вархеји исфрли и свој нон пејпер со ужасен притисок врз Македонија да направи нешто многу спротивно на европските вредности и закономерности. 

Најтемно е пред зори. Ама брзо се разденува кога се знае што се сака. Добро би било претседателот на државата, премиерот, владата, партиските лидери, пратeниците во парламентот да расправаат и носат одлуки за овие работи, а не за судски пресуди и истраги.