1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и Македонија: Многу ветено, малку исполнето

БГ
16 октомври 2019

Доколку ЕУ не даде зелено светло за Скопје и Тирана, темите како демократија и владеење на правото повеќе нема да бидат на агендата. Тагесшпигел прогнозира дека Меркел нема да успее да го разубеди Макрон

https://p.dw.com/p/3RNja
Nordmazedonien und EU
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Берлинскиот весник Тагесцајтунг ја коментира вчерашната блокада на проширувањето на ЕУ со наслов „Многу ветено, малку исполнето“.

„Веќе двапати ЕУ министрите ја одложуваа одлуката, а и во вторникот во Луксембург немаше Да за почеток на преговорите со Албанија и Северна Македонија. За обете балкански земји тоа е фатален сигнал“, пишува Тагесцајтунг.

„За Северна Македонија, француското вето е особено горчливо: Земјата во февруари го реши долгогодишниот спор со Грција и се преименуваше. Драстичен чекор за земјата кој се уште е спорен кај нејзиното население, па сега уште и ЕУ не го награди и покрај ветувањето.“

„Самото преименување покажува што може да покрене перспективата за влез на Балканот. Слични долготрајни конфликти како оној меѓу Северна Македонија и Грција таму има доволно, како српското барање за етнички чисти територии и провокациите кон Косово и кон поделената Босна и Херцеговина.
Но сега перспективата за влез во ЕУ се оддалечува од овие земји. А со тоа и поттикот за решавање на конфликтите. Затоа што на Албанија, Северна Македонија и останатите ќе им недостасува целта и сеопфатниот поттик кон реформи кој го нуди членството во ЕУ.“

„(...) Темите како демократија и владеење на правото во југоисточна Европа нема веќе да бидат високо на агендата поради прекршените ветувања на ЕУ“, заклучува Тагесцајтунг потсетувајќи дека земјите како Кина, Русија и Турција веќе одамна се активни во регионот со свои проекти.

Тешко до согласност на Меркел и Макрон

Весникот Тагесшпигел од Берлин ја анализира денешната средба на германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Макрон во Тулуз и прогнозира дека разликите меѓу двајцата лидери во однос на проширувањето на ЕУ нема да бидат надминати.

Deutschland Westbalkan-Gipfel Merkel und Macron
Емануел Макрон и Ангела Меркел на самитот со Западен Балкан во Берлин, април 2019.Фотографија: Reuters/M. Sohn

„Блискоста меѓу канцеларка и францускиот претседател не менува ништо во однос на тоа дека визијата на Макрон за ЕУ изгледа сосема различно од идејата на Меркел за Европа. Францускиот претседател сака да ја продлабочи ЕУ, пред да пристапат нови членки како Албанија и Северна Македонија. Меркел, од друга страна, ја смета перспективата за членство за Западниот Балкан за значајна со самото тоа што регионот нема да им се препушти на Русија, Турција или Кина.“

„На германско-француската меѓувладина конференција, како и на утрешниот самит на ЕУ во Брисел ќе стане јасно колку е големо несогласувањето меѓу канцеларката и претседателот во однос на прашањето за проширувањето.
Од една страна може да се каже дека дебатата за иднината на Европа е депласирана во еден момент кога целата немоќ на ЕУ во однос на турската инвазија во Сирија е видлива како никогаш порано.

Но од друга страна е прашањето, во кој правец геополитички долгорочно ќе се развива Западниот Балкан, кој е клучен за безбедноста на самиот праг на ЕУ.
Макрон со големи гестови го блокира почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Но тој треба да сфати дека со тоа во рамките на ЕУ застапува една непријатна малцинска позиција.
Некои нешта говорат во прилог на тоа дека несогласувањето околу проширувањето меѓу Макрон и Меркел нема да се решат ни во Тулуз, ниту пак на ЕУ самитот во Брисел“, прогнозира Тагесшпигел.