1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и бегалците: треба ли да се казнат непослушните членки?

Катерине Мартенс.Ж.А.12 август 2016

Во ЕУ дојде до голем раздор поради бегалската криза, некои земји, меѓу кои и Германија, бараат казни за ЕУ-членките, како Полска и Унгарија, поради неприфаќање бегалци.

https://p.dw.com/p/1Jh0e
Фотографија: picture-alliance/dpa/Z. Gergely Kelemen

Досадна празнина во политички Брисел. Во почетокот на август се одржани последните седници пред годишните одмори, па сега, во средината на месецот, конференциските сали во Европската комисија „зјаат“ празни. Деловната раздвиженост на луѓе во костуми во европскиот кварт е запрена, во Европа владее летна пауза.

Така барем изгледа во Брисел. Зашто, за разлика од празните конференциски сали во градот, повторно се разгоре политичката дебата за слогата околу бегалската криза, делумно благодарение и на германските ЕУ-политичари. Дискусијата се врти околу прашањето: треба ли да им се скрати финансиската помош на несолидарните членки?

Тоа прва гласно го побара Ингеборг Гресле, шефица на Комисијата за буџетска контрола во Европскиот парламент. „На земјите кои не се придржуваат кон европското право, или на земјите кои недоволно соработуваат во преземањето или регистрацијата на бегалците, би требало да им се укине финансиската поддршка,“ рече германската политичарка, членка на конзервативците од Европската народна партија. Вакви зборови досега не можеа да се слушнат директно во Брисел.

Ingeborg Gräßle / EU-Parlament / CDU / EVP
Ингеборг Гресле гласно заговара санкцииФотографија: picture-alliance/dpa

Одземање пари од ЕУ-членките не е предвидено - уште не!

Од правен аспект е јасно, според она што стои во Европските договори, дека на земјите- членки не можат да им се укинат субвенциите поради „непослушност“. На тие правила деновиве повторно укажа и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер - одземањето пари од земјите-членки не е предвидено со правилниците во ЕУ.

Досега. Тие правила важеа пред бегалската криза да ја стави ЕУ на огромно искушение, пред источноевропските земји да бидат надгласани на состаноците на врвот, пред спектакуларното пропаѓање на воведувањето на обврзувачки квоти за ЕУ-членките за прием на бегалци, пред Полска, Унгарија, но и Чешка или Словачка да дадат до знаење дека ќе ја игнорираат ваквата одлука на ЕУ.

Резултатот кој произлезе е тоа што распределбата на бегалци низ ЕУ остана само мртво слово на хартија, а Европа нервозно се поти веќе при помислата Турција евентуално да го анулира договорот за бегалците постигнат со Брисел. Ако дојде до тоа, жестината на дебатата околу квотите во Европа би достигнала нови размери.

Polen Beata Szydlo und Viktor Orban in Warschau
Заеднички против бегалците: полската премиерка Беата Шидло и унгарскиот премиер Виктор ОрбанФотографија: picture alliance/Pacific Press Agency/J. Ratz

Конзервативците не се единствени кои бараат санкции за одделни членки

Повикот за изрекување санкции против тврдоглавите ЕУ-членки во Брисел не стигнува само од конзервативниот табор. И други водечки ЕУ-политичари, како пратеникот од Либералите, гроф Александар Ламбсдорф, очигледно размислуваат како земјите кои се противат на примената на донесената одлука сепак да бидат натерани да ја почитуваат. Според него, проверката на повеќегодишнат финансиска рамка би била исто така една од можностите „за вршење корекции во бриселскиот годишен буџет во наредните три години.“

Поинаку кажано: проверката на ЕУ-буџетот наесен да се искористи за по потреба да се укинат субвенциите. Зашто, начелно е потребно зелено светло на сите ЕУ-членки за непречено течење на ЕУ-средствата. Грофот Ламбсдорф токму тука гледа простор за политички притисок: „Германската влада при редовната проверка на ЕУ-буџетот би морала да се погрижи примателите на помош како Полска и Унгарија да се однесуваат посолидарно околу прашањето за бегалците и да ги почитуваат европските вредности.“

Во круговите на Либералите признаваат, овој чекор би можел да биде решение кое досега не е тестирано во ваква форма. Реакцијата од Европскиот парламент е дека со жалење се следи ваквиот развој на настаните. Многумина европарламентарци гледаат проблем во природата на санкциите за земјите-членки: во случај на непочитување на прописите, Европската комисија може да изрече парични казни и тоа е „класичен начин на казнување“, вели еден портпарол на ЕУ-парламентот, додавајќи дека во најлош случај постои можност за одземање на правото на глас, но нема „меѓурешенија“. Европарламентарците затоа критикуваат - постојано се случува или „убод со игла или атомска бомба“, односно постои само црно или бело.

Затоа германската политичарка Гресле бара реформа на финансирањето во ЕУ. „ЕУ- буџетот треба да се постави врз други темели и потребни се построги услови за исплата на пари на ЕУ-членките“, вели таа. Дебатата околу ефективни санкции не е нова во Брисел. Само што овојпат се води необично јасно. И тоа среде лето, кога политичките институции мируваат за време на летната пауза.