1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Злоупотребени три милијарди евра

ЕМФ /агенции
6 јуни 2018

Европската служба за борба против измами (ОЛАФ) констатира дека минатата година од европските пари биле злоупотребени повеќе од три милијарди евра.

https://p.dw.com/p/2z1sj
Europäische Flagge mit Euro Münzen
Фотографија: picture alliance/dpa/K. Ohlenschläger

Во 2017 година биле злоупотребени пет пати повеќе европски пари отколку во годината пред тоа, вели генералниот директор на Европската служба за борба против измами (ОЛАФ), Николас Илет. Тој за германската агенција ДПА објаснува дека огромното зголемување на износот на злоупотребени финансиски средства се должи главно на специјален случај на царинска измама.

Во случајот кој ја погаѓа главно Велика Британија станува збор за злоупотребени 2,3 милијарди евра. ОЛАФ во својот годишен извештај констатира дека увозниците на кинеска облека и чевли при увозот во ЕУ наведувале систематски пониски вредности на стоката и со тоа ја намалувале царината. За да докажат дека е така, иследниците ги анализирале сите царински декларации за производите од Кина за периодот 2013-2016 година. Само преку Велика Британија настанала загуба на средства во износ од 1,9 милијарди евра. Тамошните власти, како што вели ОЛАФ, не презеле контрамерки. Измамниците тоа го искористиле и целно ја префрлиле својата операција во Велика Британија, се вели во годишниот извештај.

OLAF EU Behörde
Фотографија: European Union, 2012

Меѓу поголемите случаи на измами со европски пари е и случајот од германската покраина Саксонија Анхалт, кој со години беше на насловните страници и беше затворен во текот на 2017-та. Се работи за пари за фонд на Инвестициското друштво ИГБ кои, според ОЛАФ, биле употребено спротивно на прописите. „Комисијата сметаше дека тоа е нерегуларно доволно за да си ги побара назад сите пари“, изјави Илет. Покраинската влада меѓутоа на работите гледа поинаку и најави дека можеби ќе поднесе тужба.

ОЛАФ е служба надлежна да открива злоупотреби на средства на ЕУ и доколку е неопходно - да вклучи обвинителство. Ако се изземе големиот случај на царинска измама, ОЛАФ минатата година работела отприлика во рамките на она што е сработено во годините пред тоа - 1111 сомнителни случаи, 215 нови и 197 завршени постапки.