1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ го почна патот кон дефинитивен Брегзит

ЖА / агенции
28 декември 2020

Амбасадорите од преостанатите 27 членки на ЕУ едногласно го одобрија привремениот трговски договор со Велика Британија по Брегзит и со тоа ги окончаа повеќемесечните преговори.

https://p.dw.com/p/3nIaP
Großbritannien Dover 2019 | Banksy, Kunstwerk zu Brexit
Фотографија: Gareth Fuller/empics/picture alliance

Трговскиот договор меѓу Велика Британија и Европската унија за времето по Брегзит може привремено да стапи во сила на 1 јануари. Амбасадорите на 27 членки на ЕУ на состанокот во Брисел денеска едногласно дадоа „зелено светло" за провизорна примена, како што соопшти германското претседателство. Кратко претходно и германската влада даде согласност за договорот меѓу Велика Британија и ЕУ.

Двете страни се спогодија на 24 декември по долги и мачни преговори. Согласноста на владите на земјите од ЕУ е предуслов за стапување во сила на спогодбата. Писмено договорот треба да биде потврден до вторник во 15 часот. За вторник вечер или среда е планирана видо конференција на шефовите на држави или влади на ЕУ со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел,  се дознава од дипломатски кругови. До четврток текстот потоа треба да биде објавен во службениот гласник на ЕУ.

Портпарол на германската влада во Берлин постигнатиот договор со Лондон го оцени како „добар резултат" на пост-Брегзит преговорите.

Договорот може да стапи во сила на 1 јануари, истакна и кабинетот на францускиот претседател. Франција меѓутоа уште од „првиот ден ќе биде будна во поглед на коректната примена". 

Повеќе на темата:

И покрај договорот, Брегзит останува голема историска грешка

Merry Brexmas!

Колку би чинел Брегзит без договор?

Британскиот премиер Борис Џонсон во договорот гледа нов почетен пункт во односите меѓу ЕУ и Велика Британија.

Но, за регуларен процес на ратификација на договорот преку Европскиот парламент времето до крајот на годинава не е доволно. Од таа причина договорената регулатива ќе важи привремено до 28 февруари. Пред спогодбата да стапи официјално во сила, мора да го одобрат и европратениците, кои бараат доволно време за студирање на текстот од близу  1300 страници.

Од кругови во Брисел се споменува можноста провизорнатаа примена на договорот за Брегзит да биде пролонгирана до средината на март или април. Доколку Лондон тоа го одбие, на 23 феруари би била закажана вонредна седница.

Британскиот парламент в среда на вонредно заседание ќе гласа за постигнатиот договор со ЕУ. Согласноста на пратениците се смета за сигурна, откако опозиционата Лабуристичка партија сигнализираше негово прифаќање.

Трговскиот договор предвидува трговување без царини кога Велика Британија в петок ќе го напушти внатрешниот пазар на ЕУ. Тој истовремено регулира и прашања како идната соработка на полициите и правосудството или социјална сигурност на граѓаните од двете страни.