1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ги ублажува заканите кон Русија

Кристоф Хаселбах
21 октомври 2016

ЕУ „ги разгледува сите опции“ против Сирија и нејзиниот поддржувач Русија поради нападите во Алепо, но се повлекува од донесување одлука за нови санкции против Русија.

https://p.dw.com/p/2RVeW
Brüssel EU Gipfel Gruppe May Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Roge

Најголемиот дел од учесниците на ЕУ самитот во најновиот руски предлог гледа цинична игра на мачка и глушец: кратко пред бриселската средба, Русија најави прекин на нападите врз Алепо на неколку дена. Русија сака да ја ослабне ЕУ, смета претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. На ова шефовите на држави или влади треба да се спротивстават со европска единственост. Но, тоа не е доволно за носење одлука за натамошни санкции. Темата Русија и санкции против неа на дневен ред на Советот на ЕУ е ставена уште пред месеци, иако првично првенствено во контекст на украинската криза. Преку две години во сила се редица економски санкции насочени против руската држава, како и забрана за патување и блокирање на сметките и имотот на личности во најблиското опкружување на рускиот претседател Владимир Путин.

Ако се работеше само за Украина, Русите веројатно ќе можеа да сметаат на поблаг став на ЕУ, дури и на одредено олабавување на санкциите. ЕУ се залага за натамошен напредок во поглед на договор меѓу Москва и Киев, Освен тоа, ЕУ има цврсти економски интереси за нормализација на односите со Русија. Во оваа насока, на пример, притискаат италијанскиот премиер Матео Ренци и грчкиот, Алексис Ципрас. Кај унгарскиот премиер Виктор Орбан пак може да се насети идеолошка блискост, ако не и отворено восхитување кон Путин, со самото тоа и противност кон поостар курс кон Кремљ. Како што истакна Туск, во моментов е „навистина тешко, речиси невозможно да се зборува за Русија без да се споменат актуелните напади врз цивили и болници во Алепо.“

Syrien Aleppo zerstörte Gebäude
Францускиот претседател зборува за воени злосторства во АлепоФотографија: Reuters/A. Ismail

И Тереза Меј се залага за европско единство

Во Брисел се истури лавина критики на сметка на однесувањето на Русија и Сирија во Алепо. Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер сакаше да апелира на честа на Русија: „Сметам дека Русија се однесува на начин кој не доликува и не се очекува од една голема сила.“ Францускиот претседател Франсоа Оланд руските напади врз цивилното население во Алепо ги нарече воено злосторство. 

Дури и британската премиерка Тереза Меј, која го подготвува излезот на својата земја од ЕУ, на оваа тема инсистира на европско заедништво: „Со оглед на руската агресија, мораме да покажеме цврст и единствен европски став“. Се чини ова е потврда на реченицата која Меј ја кажа веднаш на пристигнувањето во Брисел: „Обединетото Кралство ја напушта ЕУ, но додека да се случи тоа, ќе ја играме нашата улога без никакви ограничувања.“ Кај другите тоа со задоволство беше примено на знаење.

Путинво средата при посетата кај Меркел во Берлин презеде последен обид за позитивно влијание врз Европејците преку канцеларката, но не успеа во тоа.

ЕУ-челниците го осудија однесувањето на Русија. Но, во првата верзија на предлог-декларацијата немаше ни збор за конкретни санкции. Во текстот сега стои изразот „сите можни расположливи опции“, со што ЕУ се заканува доколку продолжат ѕверствата против цивилите во Алепо. Тоа претставува натамошно ублажување. Цврста закана со санкции не беше ни очекувана, зашто отпорите кон неа во ЕУ се преголеми. Значи, останува заканата со неконкретни мерки. Притоа, кога и под какви услови, исто така не се знае. Сепак, едно е сигурно - под впечатокот на стравотиите во Алепо, нема да има олабавување на санкциите кон Русија, иако Москва се надеваше на тоа.