ЕУ во офанзива против дезинформациите од Москва
18 декември 2018Сѐ уште се само малкумина: службениците на ЕУ кои треба да се борат против руските лажни вести. 14 експерти за комуникации и аналитичари на Европската служба за надворешни работи ја формираат таканаречената работна група Стратком Исток.
Пред три години таа беше формирана за да се стекнат сознанија за степенот до кој Кремљ, односни сили блиски на Кремљ се обидуваат да влијаат врз европската јавност преку дезинформациски кампањи на интернет. Оттогаш, работната група, според сопствени наводи, документирала 4.500 случаи и ги разоткрила механизмите, техниките и намерите на руските извори.
Сега ЕУ сака да преземе офанзива - не со методите на Русите, туку преку едукација на европската јавност.
Цели: Вознемирување и ослабнување
Поради европските избори во наредната година, ЕУ го зголеми буџетот на Работната група за 2019-та на пет милиони евра и планира да ја прошири групата за анализа со уште околу 50 вработени. Ова треба да помогне да се спречи Москва, како впрочем и на претседателските избори во САД, да се обиде да влијае врз изборите за Европскиот парламент, на пример со создавање на расположение за антиевропските партии.
„Добро координираните кампањи, исто така, може да ја направат стабилната демократија несигурна или, во најлош случај, да ја ослабнат или да ја поткопаат", вели еден портпарол на ЕУ.
Примери: случајот Скрипал и украинската војна
Како тоа функционира во пракса, покажа случајот на пребеганиот руски разузнавач Андреј Скрипал. Кога тој и неговата ќерка во март годинава во Англија се онесвестија и беа пренесени во болница, лекарите утврдија труење со нервниот отров Новичок, произведен во Русија.
Повеќе:
-ЕУ го проширува специјалниот тим против лажните вести
-Лажните вести на Кремљ и нашите бели лаги
Кога британската влада со прстот покажа кон Москва, Русите реагираа веднаш. На различни веб сајтови и социјални медиуми целно беа проширени до 20 различни верзии за случајот, кои под прашање го доведуваа британското толкување. „На крајот, многу Европејци не веруваа во ништо, за жал не и во вистината", рече портпаролот на ЕУ.
И во конфликтот меѓу Украина и Русија, руските актери, според ЕУ, целно се обидувале да влијаат врз три групи во Германија: руските Германци, АфД и партијата на левицата. Мотото на кампањата беше: „Зајакнување на политичките маргини и дестабилизација на системот".
Понекогаш е доволно, во основа да се каже вистината, но преку надувување на одредени аспекти или лажирани индиции во стручниот жаргон „Вештачко подобрување" да се наруши јавниот дискурс, вели експерт од ЕУ.
„Заеднички акциски план“
За повеќето просечни медиумски корисници, многу е тешко да ги идентификуваат перфидно лажираните статии и постови на социјалните мрежи како „фејк њуз“. Особено затоа што студиите докажаа дека дезинформациите на интернет се прошируваат шестпати побрзо од автентичните информации.
Затоа шефовите на држави или на влади на ЕУ сега сакаат да преземат информациска офанзива.
Основа за неа е акцискиот план кој треба да го спроведе Европската комисија. Според него, најнапред институциите на ЕУ и земјите-членки треба меѓусебно да се вмрежат. Освен тоа, треба да се приклучат и приватниот сектор (Гугл, Твитер и Фејсбук), како и НАТО и Г7 .
Целта е да се има потесна соработка и размена на информации за да може да се дејствува побрзо и заеднички против лажните вести. Треба да настане и систем за рано предупредување кој практично во реално време ќе предупредува од руските дезинформациски кампањи.
Европската јавност, исто така, треба да биде сензибилизирана преку водич за лажни информации на интернет. Досега, имено, постои само еден њузлетер, кој е адресиран исклучиво на инсајдери и новинари.