Коронавирус: ЕК поддржува сертификати за вакцинираните
15 јануари 2021„Медицинска обврска е да се има сертификат дека сте вакциниран“, изјави Фон Дер Лајен поддржувајќи ја на тој начин идејата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Но, претседателката на ЕК додаде дека не е сигурна дали „тоа треба да им дава на луѓето приоритет или пристап до одредени добра, ова е политичка и правна одлука која треба да се дискутира на европско ниво“.
Светската здравствена организација во декември препорача да се прават планови за дигитални вакцинациски сертификати, но не и пасоши. Експертите на СЗО „не препорачуваат имунитетски пасоши“ кои на носителите би им гарантирале дека се заштитени од Ковид-19 преку вакцинација или прележување на болеста.
-повеќе на темата: СЗО: „Ковид-пасошите“ се ризични, нема доказ за имунитет
Естонија минатата година започна со тестирање апликација која би можела да се употреби како своевиден дигитален „имунитетски пасош“, кој би им овозможил на корисниците да им покажат на своите работодавачи и на други дека се под намален ризик од зараза.
-повеќе на темата: Можам ли и по вакцинирањето да ги заразам другите?
Грчкиот премиер Мицотакис во вторникот ги повика ЕУ-членките да воведат стандардизирани сертификати за вакцинација за да се овозможи нормално функционирање на туристичката индустрија.
„Лицата кои се вакцинирале треба да можат слободно да патуваат“, и напиша Мицотакис на Фон дер Лајен додавајќи дека темата е „итна“.