1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ без прецизен временски план за олабавување на мерките

Бернд Ригерт
15 април 2020

Олабавувањето на мерките против Ковид-19 во ЕУ треба да се одвива колку што е можно повеќе координирано. ЕК има стратегија, но нема конкретни датуми.

https://p.dw.com/p/3av6m
Brüssel PK Ursula von der Leyen
Фотографија: Reuters/J. Geron

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска треба да ја објави стратегијата за излез од ограничувањата воведени поради коронавирусот. „Иако е јасно дека патот назад кон нормалност ќе биде многу долг, очигледно е дека вонредните ограничувања нема да може да траат неограничено“, пишува Европската комисија во својот документ на 14 страници.

Забраните за излегување со цел да се сузбие ширењето на коронавирусот имаат позитивни ефекти, но предизвикаа и огромен економски шок и тешко го оптоварија општествениот живот, се вели во анализата на Европската комисија. Таа смета дека економијата во земјите кои се дел од монетарната унија годинава ќе падне за 10%, или како никогаш досега од светската економска криза во 1920-те.

Денеска германската канцеларка Ангела Меркел ќе разговара со покраинските премиери за можни сценарија за олабавување на мерките во Германија и враќање кон нормала. Економските здруженија бараат олабавување на мерките, додека здравствените експерти предупредуваат.

Coronavirus Österreich Wien Lockerung Ausgangssperre
Австрија од вчера почна со олабавување на мерките Фотографија: AFP/APA/H. Fohringer

Да се избегнат тензии меѓу членките на ЕУ

Урсула фон дер Лајен ги повикува земјите членки на ЕУ да ги олабавуваат мерките колку што е можно покоординирано и да се договараат за натамошните чекори во борбата против пандемијата. „Недостиг на координација при укинувањето на ограничувањата крие опасност од негативни ефекти за сите држави членки и веројатно ќе доведе до пораст на тензиите меѓу членките. Во криза не постои универзален метод, но земјите членки би требало барем да се информираат меѓусебно“, опоменува Европската комисија.

На почетокот на кризата земјите членки се изненадија меѓусебно со затворање на граници и ограничувања на патувањето. При отворањето на границите, според Урсула фон дер Лајен, работите треба да одат поинаку. Во интервју за „Билд ам Зонтаг“, претседателката на ЕК изјави дека не може да зададе конкретни рокови. „Не сакам воопшто за тоа да се одлучува централно, затоа што состојбата во Милано е сосема различна од онаа во Минстер, исто како што се разликува во градските од селските средини“, изјави Фон Дер Лајен.

Italien Mailand | Coronavirus | Ostersonntag, Mailänder Dom
Ситуацијата во Милано не е иста со онаа во Минстер, вели Фон Дер ЛајенФотографија: Reuters/F. Lo Scalzo

Инфекциите би можеле да се зголемат

Европската комисија наведува три критериуми за олабавување на корона-ограничувањата, но не наведува временски планови и рокови. Според препораките на ЕК, ограничувањата на движењето би можеле да се олабават доколку здравствените системи не се преоптоварени, доколку бројот на инфекции е доволно намален и е можна заштита на загрозените групи граѓани.

„Меѓутоа, извесно е дека постепено олабавување на ограничувањата ќе доведе до нови инфекции“, предупредува ЕК. Тоа би морало да им биде јасно на сите, па затоа, според Комисијата, е неопходно консеквентно набљудување на ситуацијата и ако е потребно и ново заострување на правилата и мерките. „Ќе мора да живееме со вирусот додека не се најде вакцина.“

Што научивме во корона-кризата?

Урсула фон дер Лајен имаше намера да ја објави егзит-стратегијата, направена по барање на шефовите на држави или влади на ЕУ, уште минатата недела. Но, беше запрена од загрижените влади на некои држави, па мораше да ја откаже веќе закажаната прес-конференција. Некои од државите сакаа прво да ги сочекаат велигденските празници за да не разбудат лажни надежи за брзо олабавување на мерките.

Во меѓувреме, ЕК малку го преработи текстот и сега тој е напишан со повеќе условни реченици и препораки. Меѓутоа, она што е неспорно е дека компетенциите за борба против болеста и за заштита на здравјето на граѓаните се во рацете на државите членки на ЕУ. ЕУ-централата може само да апелира за постапување со мерка и постепено враќање кон нормала на внатрешниот пазар и слободата на движење во ЕУ.

Deutschland Corona | Kurzarbeit
Економијата мора да се обновиФотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Наредна цел - обнова

Сосема на крајот на планот за олабавување на мерките Урсула фонд ер Лајен со дебели букви дава ветување дека ќе има план за обнова на економијата во Европа. Побарувачката и производството ќе мора повторно да се поттикнат, а даноците евентуално да се намалат. „Комисијата сака да направи план за обнова кој ќе почива врз среднорочното буџетско планирање и преработен план за работа за 2020 година.“

Наредната недела шефовите на држави или влади ќе разговараат за фонд за обнова и еден вид „Маршалов план“. Целта на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, се инвестиции од повеќе стотици милијарди евра.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија