ЕТА прогласи целосно разоружување
8 април 2017ЕТА на полицијата ѝ ги открила локациите на 12 тајни магацини со оружје во југозападна Франција. Доверливи извори на новинската агенција АФП тврдат дека таму се наоѓа остатокот од оружјето и експлозивот - сопственост на баскиските сепаратисти.
За денеска во градот Бајон во југозападна Франција е најавена свеченост по повод „Денот на разоружувањето“, на која се очекува присуство и на симпатизери на групата. „Илјадниците луѓе, кои утре ќе дојдат во знак на поддршка на разоружувањето, се гаранција за преземениот исчекор“, се вели во порака од ЕТА до британски БиБиСи. ЕТА во средината на мај најави до 8 април целосно да го предаде своето оружје, речиси 60 години по своето основање. Вчера еден француско-баскиски активист пак рече дека разоружувањето на ЕТА е веќе завршено, а станува збор наводно за околу 130 парчиња оружје и два тони експлозив, складирани претежно на француска територија.
Од опркружувањето на баскиските националисти претходно беше најавено дека предавањето на оружјето ќе се одвива надвор од Бајон, во францускиот дел од Баскија, во „безбедни услови“.
ЕТА и нејзината борба за независност на Баскија со децении беше во фокусот на безбедносните сили и правосудството во Шпанија и во Франција. Во ЕУ сепаратистичката организација беше класифицирана како терористичка. Од основањето во 1959. година, за време на диктатурата на Франко во Шпанија, ЕТА постојано вршеше напади во кои загинаа 829 луѓе.
Во последниот извршен напад од страна на ЕТА во 2010. година, загина еден француски полицаец. Во 2011. година ЕТА прогласи крај на својата вооружена борба, се претпоставува дека во меѓувреме таа има само околу 30 членови. Нејзината последна битка беше фокусирана врз судбината на околу 360 затвореници, припадници од нејзините редови. Преостанатите активисти се трудат да издејствуваат затворски олеснувања или условни ослободувања на своите поранешни соборци.